Два од најпознатите кафе-барови на плажа на грчкиот остров Миконос од синоќа се затворени поради тоа што досега биле откриени 13 вработени заболени со ковид-19, јави МИА од Атина.
Според грчките медиуми, баровите ќе останат затворени в петок, откако минатата сабота биле откриени случаите на ковид по спроведените ненајавени тестирања на вработените.
Генералниот секретар за цивилна заштита на Грција, Василис Папагеоргиу, во одлуката за привременото затворање на „Намос“ и „Скорпиос“, објаснува дека мерката е поради вонредни причини за справување со сериозна опасност по јавното здравје и особено за спречување на ширењето и последиците од коронавирусот.
Миконос од самиот почеток на летната сезона беше посочен како критична точка за ширење на заразата, поради големите метежи во баровите каде што не се почитуваат никакви мерки за заштита.