Во споредба со набавката на возила во 2013, 2014 и 2015 година, во сега анализираните две и пол години, набавени се 69 возила повеќе, што е зголемување за 18 отсто, а потрошените пари се зголемени за дури 53 отсто
Во текот на 2018, 2019 и дел од 2020 година, 132 државни институции набавиле нови патнички возила. Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, се работи за вкупно 392 патнички возила, кои чинеле 8 милиони и 130 илјади евра, или по средна цена од 17 илјади евра по возило.
Она што открива ова најново истражување е дека на дури 71 отсто од тендерите имало само по една понуда. Најмногу од купените возила се од марките „шкода“ и „фолксваген“.
Анализата ги опфаќа само патничките возила, а не и комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила.
Најмногу патнички возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи, и тоа 46 „пасати“. Потоа следува Државниот пазарен инспекторат со 23 возила, 22 возила за Државниот инспекторат за земјоделство, 13 возила набавила Царинската управа, а по 11 нови возила набавиле Министерството за одбрана, Здравствениот дом – Скопје и Централниот регистар. Осум возила купила Управата за финансиска полиција, а по седум нови возила набавиле Министерството за внатрешни работи, Собранието на Република Северна Македонија, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Државниот пазарен и санитарен инспекторат.
Институција | Број на возила | Вкупна вредност во евра |
Служба за општи и заеднички работи | 46 | 1.818.564 |
Државен пазарен инспекторат | 23 | 228.569 |
Државен инспекторат за земјоделство | 22 | 238.258 |
Царинска управа | 13 | 325.200 |
Министерство за одбрана | 11 | 181.384 |
Здравствен дом Скопје | 11 | 178.586 |
Централен регистар | 11 | 136.691 |
Управа за финансиска полиција | 8 | 86.150 |
Министерство за внатрешни работи | 7 | 246.989 |
Собрание на Република Северна Македонија | 7 | 121.324 |
Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството | 7 | 110.114 |
Државен санитарен и здравствен инспекторат | 7 | 78.826 |
Нови возила набавиле и 20 судови од земјава, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители.
Најскап автомобил купила Општина Струга
Една четвртина од набавените нови возила се поскапи од 30 илјади евра, а првите десет најскапи возила – сите се со вредност над 40 илјади евра.
Најскапите три се: „ауди 6“ на Општина Струга од 66 илјади евра, „пасат комфортлајн“ на Државната видеолотарија од 52 илјади евра и „фолксваген тигуан“ на Општина Дебар од 49 илјади евра.
Возило | Вредност (евра) | Набавувач | Година |
Ауди 6 | 66.695 | Општина Струга | 2018 |
Пасат Комфортлајн | 52.079 | Државна видеолотарија | 2019 |
Фолксваген Тигуан | 49.618 | Општина Дебар | 2018 |
Фолксваген Пасат | 45.327 | Национална агенција за европски образовни програми и мобилност | 2018 |
Фолксваген Тигуан | 43.576 | Национална агенција за европски образовни програми и мобилност | 2018 |
Шкода Кодиак | 43.236 | Здравствен дом Скопје | 2019 |
Нема податок | 42.199 | Општина Сарај | 2018 |
Фолксваген Пасат | 41.241 | Општина Ново Село | 2018 |
БМВ 520д | 40.650 | Судски совет | 2019 |
БМВ 520д | 40.649 | Врховен суд | 2019 |
Речиси половина од новонабавените возила се од марките „шкода“ и „фолксваген“ – од 100-те набавени „шкоди“, речиси половина се од моделот „октавија“, додека од 88-те набавени „фолксвагени“, 53 се од моделот „пасат“. Трета марка што се преферирала се „пежо“ од кое се набавени 65 возила, по што следуваат ФИАТ со 38 и „опел“ со 28 возила.
Марка | Број на набавени возила | Доминантен модел |
Шкода | 100 | Октавија |
Фолксваген | 88 | Пасат |
Пежо | 65 | Рифтер |
Фиат | 38 | Типо |
Опел | 28 | Астра |
Од фирмите, најголема вредност имаат договорите со „Порше лизинг“ – 3 милиони евра, „Делукс ауто“ – 1,2 милион евра, „Еуроимпекс“ – 890 илјади евра и битолската „Јосифов“ со 720 илјади евра.
Институциите купувале какво што сакале возило
Истражувањето на ЦГК покажува дека дури на 71 отсто од тендерите имало само по една понуда, што, според анализата, отвора сомнежот дека институциите доминантно си купувале такво возило какво што сакале, имајќи го предвид фактот што од една страна има голем број дистрибутери на нови возила во земјава, а друга страна на тендерите се јавувал само по еден понудувач.

Ова е второ вакво истражување на набавените нови возила на институциите. Првото се однесуваше за 2013, 2014 и 2015 година кога државните институции набавиле 323 возила. За овие возила тогаш биле потрошени 5,3 милиони евра. Во сега анализираните две и пол години, набавени се 69 возила повеќе, што е зголемување за 18%, но потрошените пари се зголемени за дури 53%.
2013-2015 | 2018-2020 | Разлика | % на промена | |
Број на набавени возила | 323 | 392 | 69 | 21 % |
Вредност на набавените возила (во мил. евра) | 5,3 | 8,1 | 2,8 | 53 % |
Целосната база на податоци за набавените возила во државните институции може да ја погледнете на следниот линк.