Државата е стабилна, владината коалиција е силна и е изградена врз основа на вредности поради што економијата може да смета на предвидливост, изјави денеска премиерот Зоран Заев пред средбата со Сојузот на стопански комори.
Заев го повтори итстото што го кажа и пред два дена при средбата со претставници на стопанските комори и бизнисот, дека во следните 4 години нема да има вонредни парламентарни избори и покрај стабилна политичка состојба, најави и стабилна даночна политика.
„Данокот на добивка останува 10 отсто, продолжува одложувањето на даночните аконтации на данокот на добивка, персоналниот данок на доход останува 10 отсто, а по кризата ќе се отвори дебата за правичната даночна политика“,
најави Заев.
Како главна задача на новата владата во областа на економијата ја најави и борбата против сива економија, која според проценките е над 30 отсто и зајакнување на даночните служби.
Главен фокус е и борбата за отстранување на парафискалните давачки, при што целта на Владата е до крајот на мандатот тие да се намалат за 75 проценти.
Заев најави и намалување на некои даноци, посебно, како што рече, во областа на новите технологии за стимулација на бизнисот, при што постави и временска рамка: до 2021 тие да се намалат од 18 на 5 отсто, до 2023 на 3 отсто и до 2025 година на 0 проценти.
Најави и промена кај данокот за ресторанските услуги каде што сега има разлика дали храната се консумира во ресторан или е за носење и истакна дека таа ќе се фиксира на 10 проценти.
