Како стасувале „непристојните“ понуди до семејството Камчеви, како обвинителките од СЈО, Лиле Стефанова и Катица Јанева, но и Бојан Јовановски покажувале дека имаат моќ и влијание, и како Камчеви се согласиле на играта во „Рекет“, беа дел од темите за кои зборуваше сопругата на бизнисменот Орце Камчев, Ана, во денешното сведочење во Основниот кривичен суд во Скопје.
Пред судската зграда пристигна со возач. Облечена во впечатлив бел капут во судот влезе покрај бројните камери и фотоапарати кои ја следеа, а си замина без изјава. Во судница, пак, пред обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева и бројните новинари, споделуваше моменти, потенцирајќи ги стравот и вознемиреноста со кои, како што рече, се соочувала во текот на целиот овој случај.
Камчева за Боки рече дека тој всушност бил специјалниот обвинител, бидејќи имал многу информации. При секое споменување на Катица Јанева, пак, таа го користеше префиксот „госпоѓа“.
И во нејзиниот исказ, како и во тој на нејзиниот сопруг, се најдоа имињата на адвокатот Васил Димишков и неговата сестра, судијката на претходна постапка Весна Димишкова, а за првпат се слушна и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Не споменувајќи го неговото име, туку само неговата функција, таа го наведе како едно од лицата, покрај судии и обвинители со кои првообвинетиот Јовановски разговарал во нејзино присуство со што сакал да покаже дека е влијателен. При крајот на нејзиното сведочење, во судскиот записник влегоа и имињата на пратеничката Фросина Ременски и нејзиниот сопруг Јовче. Блискоста на Боки со брачната двојка Ременски, била причината што Камчева стравувала да се сретне со директорот на УБК, Горан Николовски, во неговата канцеларија, па барала да се видат надвор од просториите на Управата.
Камчева почна да раскажува од тоа како од Зоран Милески – Кичеец стигнала дојавата дека СЈО ќе врши претрес во нивниот дом за случајот „Империја“, но и како потоа на средба во стан за „специјални клиенти“ во Капиштец од Васил Димишков стигнала првата понуда.
„Ми рече и дека неговата сестра Весна Димишкова е во блиски односи со Лиле Стефанова, дури се повикуваше и на некои амбасади. Поради тоа што мојот сопруг излегол на насловната на ‘Форбс’ тој рече дека би не чинело 2, 4 или 8 милиони евра и тоа за поблаги мерки“, сведочеше Камчева посочувајќи дека не се срами да каже дека дури и плачела на оваа средба.
Сопругата на осомничениот бизнисмен ги раскажуваше и средбите со Боки 13 кои следувале потоа. Ги имало многу во неговата канцеларија во 1 ТВ, но, рече дека се среќавале и во нејзиниот ресторан „Сушико“ и во неговиот дом. Првично и била испратена порака дека на Камчев му се случува ова, затоа што ги одбил понудите за старечки домови и модни центри, а потоа стигнало и барањето за првиот половина милион.
„Во несесер со праска боја“, свекрвата Ратка Камчева и однела 350.000 евра, а таа потоа му ги дала на Боки, кој, пак, се шегувал за несесерот. Другиот дел од 150.000 евра, се договориле да ги даде веќе првостепено осудениот Зоран Милески Кичеец. Сведок на предавањето на парите бил и Сергеј Варошлија, кој во тој момент бил во домот на Јовановски во Орман.
Камчева во детали се сеќаваше на разговорите кои ги воделе за парите, но не се сеќаваше за што друго разговарале, кога Боки ја испрашуваше. Тој се обиде да ја потсети, посочувајќи дека таа му се жалела од мајката и сестрата на Орце Камчев, но судот, како ирелеватни, не ги дозволи овие прашања.
Сепак, Јовановски ги доврши прашањата со констатација „…дека ја оставиле без пари“.
Камчева сподели детали и од разговорот со Јанева на средбата во домот на Боки.
„На почетокот се поздравивме со специјалната обвинителка, разговаравме за децата, јас кажував колкави се моите деца, низ што поминувам како мајка. Таа ми кажа дека му е благодарна на Бојан зашто ако не го вработел син и Лазар, би завршил на брод. Потоа ми кажа дека Камчев и рекол дека сака да биде во куќен притвор за новогодишните празници, за да биде со децата. Ми рече дека не верува во тоа, но тогаш Бојан го прекина разговорот и рече да разговараме за тоа за што сме дојдени…“, раскажуваше таа.
Специјалната обвинителка, рече Камчева, никогаш од неа директно не побарала пари, туку тоа бил Боки.
Откако Јанева го завршила „својот дел од работата“, Камчев од Шутка се префрли во домашен притвор, па неговата сопруга комуникацијата со обвинетите му ја препуштила нему. Избегнувала да присуствува на средбите, а рече дека и не била дома кога бил исплатен милионот, туку тоа го видела потоа од снимките кои и ги покажал сопругот.
Меѓутоа, Јовановски се обиде да ја потсети на „пријателските“ средби, па ја праша дали се сеќава на специјалните вечери кои ги подготвувала за него во нивниот дом, но и дали му давала други подароци.
„Дали добивал други подароци, јасно и е на цела јавност. Добил милион и пол, за какви други подароците зборуваме?”, реагираше со приговор обвинителката Вилма Русковска.
„Тие милион и пол се измислени во вашата глава”, и возврати Боки 13 на Русковска.
Како Камчеви за да го соберат тој еден ипол милион евра ваделе пари, пак, попладнево во судница раскажа сметководителката Мирјана Бошковска.
Таа имала овластувања и за нивните приватни сметки, па посочи дека во декември лани на три пати вадела пари од сметките на Ана Камчева и Ратка Камчева, мајката на бизнисменот.
Во февруари годинава кога Орце веќе бил во куќен притвор, од сметката на мајка му и таа на сестра му, Кристина, Мими, како што ја нарекуваше бизнисменот, извадила вкупно 710.000 евра. Парите биле во денари, таа ги менувала, па им ги носела во евра.
Нејзиното сведочење траеше околу половина час во споредба со неколкучасовните искази на брачната двојка Камчеви. Со внимание сите три сведочења ги слушаше и одбраната, па адвокатите и пред судот и пред телевизиските камери посочуваа дека има многу контрадикторности, кои најавија дека ќе ги коменираат во своите заврши зборови.
Но, додека да дојде до завршите зборови ќе треба да се сослушаат уште многу сведоци, да се презентираат материјални докази и снимки.
За наредните две рочишта до крајот на годината судот ќе повика по тројца сведоци. Едното ќе се одржи на 25 декември, кога еден од сведоците ќе биде бизнисменот Томче Главчев, а другото на 27 декември кога треба да сведочи и новинар од 1 ТВ.
Што се случуваше на претходните две рочишта прочитајте на следните линкови: