Зад ваквите бројки не се крие „завера“, бидејќи на приватно се тестираа многу лица кои немаа доволно симптоми или контакти со болни од ковид-19 за државен тест или пак им треба негативен тест за да патуваат. Но, со оглед на тоа што 41% од сите досегашни тестови се на приватно, тие имаат голем потенцијал да ја „ублажат“ генералната слика за состојбата
Како и во секој ден од изминативе шест месеци, во повеќе лаборатории низ државата во момнетов се работи на резултатите од примероците за ковид-19 земени во текот на денот. Колку тестови се направени и колку ќе бидат позитивни, се разбира, однапред не може да се знае. Но, она што може со сигурност да се предвиди е дека денеска е направен 150 000 – тиот тест во Македонија.
Август рекорден по бројот на тестови
Земјава никогаш немаше да стигне до бројката од 150 000 тестови доколку не се зголемеа капацитетите. Со текот на месеците по појавата на епидемијата, се повеќе тестови правеше, пред се, Институтот за јавно здравје, а на тестирањето се приклучија и други државни лаборатории. Но, голем удел во растот на бројот на тестови имаа и праватните лаборатории и болници.
Како што покажува графиконот подолу, за само пет месеци бројот на тестови се зголемил за три и пол пати. Или, ако во април биле направени 12 753 теста, во август тој број изнесува 45 911.

Зголемениот број на тестови, сепак, не се должеше толку на желбата да се тестира повеќе, туку избраниот модел да се тестираат оние за кои има индикации дека се болни од ковид-19 или пак дека имале контакт со заболен. Тоа го покажуваат и бројките на Министерството за здравство, според кои, најголем раст на бројот на тестови се случува кога нагло се зголеми бројот на новозаболени – во јуни.

Она што е „позитивно“ во целата статистика е сознанието дека иако расте бројот на тестови, во последниве два месеца опаѓа бројот на новозаболени. Како што покажува графиконот подолу, бројот на новозаболени (со портокалова боја) растел до јуни и потоа почнува да опаѓа. Во исто време, продолжува да расте бројот на тестови (сина боја).

Но…
Во својата последна публикација, Институтот за јавно здравје објави и преглед на бројот на тестови спроведени од почетокот на епидемијата до 30 август, групирано по лабораторија во која се спроведени тестовите. Апсолутен лидер по бројот на направени тестови (68 278) е Институтот за јавно здравје. Но, следните четири позиции ги држат приватни болници и лаборатории, Жан Митрев (19 842), Систина (14 842), Биотек (14 029) и Авицена (11 881).

Ако се соберат посебно тестовите кои ги направиле државните и приватните лаборатории, резултатот вели дека 87 026 тестови се направени на „државно“ и високи 61 236 на „приватно“. Или, како што покажува следниот графикон, државата учествува со помалку од 60% во вкупниот број тестови.

Користејќи ги податоците на Институтот за јавно здравје „360 степени“ пресмета и колку од тестовите биле позитивни, зависно од тоа дали се направени на државно или на приватно. Резултатот покажа драматична разлика.
Од вкупните 87 026 тестови во државните лаборатории, позитивни биле 16 115 примероци. Од вкупните 61 236 тестови во приватните лаборатории, позитивни се 4 519. Во проценти, од секои 100 теста на државно позитивни се 18 а на приватно само 7.

Подетално, највисок процент на позитивни тестови има Институтот за јавно здравје (21%). Потоа следува МАНУ (15%), па Центарот за јавно здравје Битола (12,1%), Инфективната клиника (11,2%). Приватните болници се во долниот дел од листата со процент на позитивни тестови од 8,8% (Авицена) до 4,9% (Систина). Само Гинекологија и Судска медицина имаат помалку позитивни тестови.

Зад ваквите бројки, сепак, не се крие „завера“ туку елементарна логика. Таа лежи во фактот дека значителен дел од лицата што правеа тестови во приватни лаборатории, го правеа тоа бидејќи или не спаѓаа во групите кои се квалификуваа за „државен“ тест (лица со симптоми или контакти со болни од ковид-19) или, пак, им требаа негативни тестови за патување во странство.
Но, со оглед на тоа што приватните лаборатории учествуваат со 41% од вкупниот број на тестови, нивните ниски вредности значително влијаат на генералната слика за состојбата со ковид-19 во земјата.