Австралија во изминатото деноноќие регистрира рекордна смртност кај пациенти со ковид-19, но и значително намалување на бројот на новозаразени.
Во државата Викторија, каде што ситуацијата беше најалармантна и каде што се воведени најголеми ограничувања, бројот на смртни случаи во изминатите 24 часа се зголеми за 41, што е за 16 повеќе од претходниот ден.
Во истата држава бројот на нови пациенти се зголеми за 73, што е, пак, најмал дневен пораст на пациенти од 3 јули. Викендов е објавен план за намалување на рестрикциите.
Нов Јужен Велс регистрира 4 нови случаи, при што издадени се здравствени предупредувања за повеќе приградски области поради откриени нови кластери. Поради тоа, властите размислуваат за воведување задолжително носење маски во јавниот сообраќај, откако се пријавени два случаи на заразени кои користеле јавен транспорт. Засега во сила е само силна препорака за носење маски.
Од утрово во сила се нови ограничувања во Квинсленд откако е откриен нов кластер на зараза во југоисточниот дел.
Билансот на епидемијата во Австралија е речиси 26 илјади заразени и 652 смртни случаи.