Во периодот 2018 – 2020, Собранието цело време функционираше со тројца потпретседатели, иако и тогаш постоеше можност опозициските партии и да номинираат уште двајца заменици на Џафери
Со иста аргументација како и сега – дека пет потпретседателски места во парламентот се дополнително финансиско оптоварување, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и во почетокот на 2018 година, во претходниот собраниски состав, се откажа од оваа функција. Главната опозициска партија, исто така, во целиот мандат на деветтиот собраниски состав, не учествуваше во координациите кај спикерот Талат Џафери, поради тоа што не го признаваше неговиот избор на 27 април 2017 година.
Иако и тогаш парламентот утврди пет потпретседателски места, од кои две за опозицијата, ниту тогаш опозициската Беса не номинираше кандидат за оваа функција.
Новиот собраниски состав, пред неколку дена, исто така, донесе одлука со која се остава можност десеетиот парламент да брои пет потпретседатели.
Во периодот 2018 – 2020, Собранието цело време функционираше со тројца потпретсдатели: Горан Мисовски, Фросина Ременски и Весел Меменди, кој пред крајот на мандатот поднесе оставка од пратеничкото место, а подоцна за потпретседател беше избран Зекир Рамчиловиќ. Сепак, од сите нив, единствено Мисовски го заменуваше Џафери на претседавачкото место во пленарната сала.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и нов пратеник Игор Јанушев вчера потврди дека партијата нема да предложи свој кандидат за потпретседател на законодавниот дом.