Досегашниот вицепремиер за европски прашања и прв човек на Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Бујар Османи, се поздрави со колеги од оваа институција. Неговиот мандат во СЕП е пред крај, а во новата влада тој ќе се пресели во Министерството за надворешни работи (МНР).
Османи вели дека немал многу надеж и оптимизам кога го презел СЕП, но се покажало дека имале неверојатен мандат со историски резултати.

„Морам да признаам, кога се нафатив да го предводам СЕП, и немав баш толку многу надеж и оптимизам. Но сега, кога ќе погледнам назад – резултатите ги надминуваат очекувањата што ги имав на почеток. Успесите никогаш не ги постигнуваш сам, тие се производ на тимска работа, посветеност и многу труд. Имавме неверојатен мандат со историски резултати за кои треба да бидете горди и за кои заслужувате секоја пофалба. Ова не е збогум. Продолжуваме по различни патишта до крајната цел – полноправно членство во Европската Унија!“,
напиша Османи на Фејсбук споделувајќи фотографии од разделбата со колегите.
На негово место во СЕП ќе дојде досегашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров.