Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение утрово вели дека во новата влада, која вчера ја предложи мандатарот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, има стари и истрошени кадри и во неа ќе владеат криминалот и корупцијата.
„Владата што ја предлага Зоран Заев не е никаков нов почеток, туку продолжување на спрегата на стари истрошени и транзициски кадри, криминалот и корупцијата. Оваа власт на Заев е власт со која ќе царуваат криминалот, корупцијата, додека економијата тоне, а народот осиромашува“,
обвинува ВМРО-ДПМНЕ.
Тие ги обвинуваат досегашната и идна власт за бројот на заразени со коронавирус, за состојбата во економијата и за пропаѓањето на Еуростандард банка.
„Дополнително, државата ја задолжија за една милијарда евра за само три месеци, без никаква реална помош на економијата, туку исклучиво за изборен поткуп. 36 илјади граѓани останаа без работа, а најмалку уште толку не ја земаат редовно својата плата“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ критикувајќи ја досегашната работа на владата на СДСМ.
Заев вчера до Собранието го достави предлог-составот за новата влада, а спикерот Талат Џафери закажа седница за в сабота и се очекува в недела да биде изгласана новата влада.