Со денот на донесувањето на решението за укинување на дозволата за основање и работење на банка, таа престанува со работа и престануваат надлежностите на Народната банка, одговараат од централната банка
Народна банка се огласи попладнево во врска со јавниот повик на бизнисменот Трифун Костовски, кој побара поддршка за спас на Еуростандард банка.
Во соопштението на Народна банка се наведува дека дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД – Скопје е укината на 12 август, поради несолвентност на банката, односно неисполнување минимални законски услови за работа, при неостварување на преземената обврска од сопствениците за навремено обезбедување на неопходниот капитал за работа на банката, од сопствени извори или од потенцијален инвеститор кој ги исполнува законските услови и критериуми за акционер на банка.
„Согласно со законската регулатива, со денот на донесувањето на решението за укинување на дозволата за основање и работење на банка, таа престанува со работа и престануваат надлежностите на Народната банка“,
се посочува во соопштението на централната банка.
Оттаму додаваат дека при остварување на своите законски утврдени цели и задачи, Народната банка се води исклучиво од законите, притоа штитејќи го интересот на граѓаните.