Известувачот за Македонија во ЕП ги коментира предупредувањата на опозициските партии на Албанците за бојкотот на институциите за кои се очекува да ги водат СДСМ, Беса и ДУИ
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, европратеникот Илхан Ќучук, смета дека местото на опозицијата е во парламентот коментирајќи ги предупредувањата на опозициските партии на Албанците за бојкотот на институциите за кои се очекува да ги водат СДСМ, Беса, ДУИ.
„Верувам дека во Република Северна Македонија се одржаа фер и легитимни избори во исклучително тешка ситуација на глобална пандемија. Граѓаните на земјата го искористија своето политичко право да одлучат кој ќе ја води Северна Македонија низ основните фази на сложени преговори за пристапување во ЕУ“,
вели известувачот на ЕП, Ќучук, во интервју за „Коха“.
Тој го наведува примерот за улогата на бугарската опозиција во времето кога официјална Софија стана дел од ЕУ, нагласувајќи дека од личното искуство во Бугарија во текот на овој процес опозицијата може да игра многу конструктивна и позитивна улога, но не со бојкот на демократските институции.
„Јасно е дека граѓаните сакаат да ја поврзат иднината на земјата со Европската Унија. Ние го признаваме овој факт и подготвени сме да продолжиме да ги поддржуваме парламентот и новоизбраната влада, вклучително и постојаните контакти со опозицијата“,
вели европратеникот Ќучук.
