Специјалното косовско обвинителство и судот до конечното одобрување на обвинителниот акт во јавноста не споделуваат детали ниту пак се знае кој е обвинет, а кој сведок. Тоа правило важи и за Ахмети
Без разлика дали ќе биде избрана нова влада или не, лидерот на ДУИ за десет дена, односно на 2 и 3 септември нема да биде во пратеничкото столче под куполата на Собранието, јавува ТВ Телма.
За тие два дена на агендата на Али Ахмети е средба и распит со припадниците на Специјалното косовско обвинителство во рамки на истрагата за воени злосторства и злосторства против човештвото по обвинителен акт поднесен против актуелниот косовски претседател Хашим Тачи.
Од кабинетот на Ахмети потврдиле за Телма дека овие два датума се потврдени како термин за давање исказ и тврдат дека Ахмети е повикан како сведок и дека ќе одговара во Приштина.
Од специјалното обвинителство за Телма не коментираа, но знаеја дека Ахмети веќе објавил за поканата. Оттаму велат дека специјалното косовско обвинителство и судот до конечното одобрување на обвинителниот акт во јавноста не споделуваат детали ниту пак се знае кој е обвинет, а кој сведок. Тоа правило важи и за Ахмети.
„Ние не кажуваме детали за што било во врска со нашата истрага. Информацијата која вие ја кажувате мислам дека доаѓа од самиот г-дин Ахмети. Ние немаме споделено никаква информација за секој што се појавил, во која било фаза или со кого било разговарано. Едноставно, ние не споделуваме информации за истрагата. Кога настаните и постапките ќе бидат јавни, тогаш ќе објавиме информации и за тоа. Но, ништо претходно не е за јавност“,
изјави за Телма во телефонски разговор Кристофер Бенет, портпарол на косовското специјално обвинителство.
Портпаролот Бенет вели во Косово немаме седиште ниту претставништво, судот и обвинителството се наоѓаат во Хаг. Европски град е избран за седиште на специјалниот косовски суд за да се избегне притисок од јавноста, но и да се заштитат сведоците во случаите во кои како обвинети се појавуваат и високи политички претставници на Косово. Сепак, обвинителството може да земе секаде исказ, а во Косово по потреба користат определени објекти.
Ахмети пред изборите објави дека е поканет да сведочи затоа што бил дел од раководството на ОВК за време на војната со српските сили. Тој додаде дека ќе ги брани светлите цели на албанската ослободителна борба.