Гувернерката на Народната банка, во интервју за „Вечер“, тврди дека сите банки во Македонија се стабилни и дека нема опасност од нивно затворање како што беше случај со „Еуростандард банка“. Анита Ангеловска-Бежоска објаснува и дека Народната банка ја донела тешката одлука за одземање на лиценцата на „Еуростандард“ откако и по долгиот рок оставен на банката да го усогласи своето работење, тоа не се случило.
„Прво, сакам да нагласам дека не постои централна банка која сака да донесе или лесно носи решение за одземање на дозволата за основање и работење на банка. Тоа е тешка одлука, која следува по детални супервизорски оцени и анализи и откако сите алтернативни решенија кои значат подобар исход се исцрпени.
Заради потребата од резервација за еден поголем дел од кредитните пласмани, сопствениците на Банката имаа преземено обврска за докапитализација на Банката во првата половина на оваа година, над уплатата од 11 милиони евра во текот на 2019 година со која покажаа одредена респонзивност со зголемување на капиталот на Банката што беше клучно за одржување на минималните законски барања.
За жал, сопствениците не го обезбедија потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту обезбедија издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор. Неисполнувањето на обврската за докапитализација заедно со поголемите загуби доведе до несолвентност на банката.
Целиот тим и јас вложивме максимални напори, во согласност со законските прописи, да се изнајде поповолно решение, вклучително и преку интензивна комуникација со сопствениците, но и комуникација со потенцијалниот инвеститор посочен од нив. На крајот мораше да се преземе ваквиот чекор, како што бара и Законот за банките. Впрочем, тој е и законска обврска, со чие почитување се заштитува банкарскиот систем, но клучно – се заштитуваат и депонентите и доверителите на конкретната банка.
вели за „Вечер“ гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката ги отфрла коментарите на политичките партии за влијанието на политиката и ги повика да се воздржат од такви изјави. Објасни и дека непополурната мерка била преземена со цел да се заштитат и клиентите на „Еуростандард“ но и на другите банки.
„Сите други банки се сигурни и стабилни, односно сигурен и стабилен е севкупниот банкарски систем, во чија вкупна актива „Еуростандард банка“ учествуваше само со 1,3%. Како што истакнав и неодамна, „Еуростандард банка“ е изолиран случај, кој нема да влијае на другите банки.
Најновите расположливи податоци покажуваат дека банките, и покрај зголемената неизвесност во глобалната и домашната економија, остварија солидни резултати, кои се и подобри споредено со податоците од крајот на март кога ковид-кризата сѐ уште не беше посилно присутна во македонската економија. Kапиталот на банките и дополнително зајакна, како резултат на задржување на најголемиот дел од нивните добивки за зголемување на нивниот капитал, што е резултат и на препораката што им ја упативме на почетокот на ковид-кризата. Притоа, нешто повеќе од половина од капиталот на банките претставува вишок над законскиот минимум што е исклучително значајно за заштита на банкарскиот систем од шокови, каков што е пандемијата на ковид-19. Квалитетот на сопствените средства е исклучително висок и доминантен дел од нив од околу 90% се состојат од редовниот основен капитал, како најквалитетен слој од сопствените средства на банкарскиот систем.
Гаранција за стабилноста на банкарскиот систем е и тоа што ликвидноста со која банките располагаат е на високо ниво, и покрај тоа што тие привремено ги одложија наплатите на значаен дел од кредитите“,
вели Ангеловска-Бежоска.
Целото интервју може да го прочитате на линкот подолу.