Во првите седум месеци од годинава Итната медицинска помош регистрирала значително намалување на бројот на интервенции поврзани со пијанство и со повреди во сообраќајни незгоди. Така велат од Министерството за здравство, од каде трендовите ги поврзуваат со појавата на коронавирусот и намаленото движење на граѓаните.
„Во периодот од јануари до јули годинава значително е намален бројот на интервенции на лица во алкохолизирана состојба и лица повредени во сообраќајни несреќи во споредба со истиот период минатата година. Ова се должи на намалената фреквенција на движење и воведените мерките за спречување на ширење на коронавирусот“,
велат од Министерството за здравство.
Според статистиките на Министерството, од 1 јануари до 31 јули оваа година се регистрирани интервенции кај 5 деца до 18 години во алкохолизирана состојба, додека во 2019 година биле регистрирани интервенции кај 20 деца. Намален е и бројот на интервенции кај лицата на возраст од 20 до 40 години од 84 на 58 и кај лицата од 40 до 60 години, од 159 на 133.

Забележано е намалување и на бројот на лица повредени во сообраќајни несреќи. Во март годинава имало вкупно 87 лица повредени во сообраќајни незгоди, што е за 23 лица помалку споредено со истиот месец лани, додека во април во сообраќајни незгоди биле повредени 60 лица или за 45 помалку во споредба со месец април минатата година.