Мицкоски не уверуваше дека победата само што не дошла. Се сервираа нереални анкети во кои убедливо водевме. За жал, се покажа дека тоа било само лажна надеж, купување време и мир во партиската структура, вели Марина Кавракова, која е дел од иницијативата за свикување вонреден конгрес
Претседателката на Градскиот комитет на Унијата на жени во Скопје и членка на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Марина Кавракова, преку соопштение образложува зошто смета дека лидерот Христијан Мицкоски треба да поднесе оставка и да се организира вонреден конгрес. Таа е дел од групата членови на ВМРО-ДПМНЕ која во петокот со настан пред партиското седиште побара промена на раководството во партијата.
Обраќањето на Кавракова го пренесуваме интегрално:
„Во врска со актулените случувања во ВМРО-ДПМНЕ, а како долгогодишен членка и актуелна претседателка на Градскиот комитет на Унијата на жени во Скопје, чувствувам потреба јавно да го артикулирам мојот личен став. Во декември 2017 година на вонредниот конгрес на партијата во Валандово, делегатите на Конгресот меѓу кои и јас, го избравме Христијан Мицкоски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш многумина од нас гледаа во него нова надеж и нова енергија во ВМРО-ДПМНЕ. Гледавме како на човек со кого многу брзо ќе се вратиме на победничките патеки. Членството му веруваше и очекуваше.
Мицкоски во говорот на Конгресот, но и подоцн, постојано повторуваше дека главна цел му е консолидација на партијата и победа на следните парламентарни избори. Велеше дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ треба да исполнува три основни столба: да биде лик што ќе биде прифатен од сите граѓани, да има позитивен рејтинг во јавноста и да биде прифатен од меѓународната заедница.
Со овие негови позиции тогаш се согласивме 376 делегати на Конгресот во Валандово, но и најголемиот број на членови на партијата. Наследи партиска структура што беше желна за работа и победа на следните парламентарни избори. Во нив се вбројувам и себе си, како член на тесното раководство на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ, како и претседател на скопскиот Градски комитет на УЖ. Сите заедно работевме за победа на последните парламентарни избори.
Мицкоски не уверуваше дека победата само што не дошла. Се сервираа нереални анкети во кои убедливо водевме. За жал, се покажа дека тоа било само лажна надеж, купување време и мир во партиската структура.
Се покажа дека Мицкоски бил лажна надеж. Се покажа дека нема капацитет да ја консолидира партијата, наместо тоа тој го подели членството на кредибилни и некредибилни, на инфицирани и неинфицирани … Се покажа дека тој не може да ја врати партијата на победничките патеки.
Денес од оние фамозни три столба кои сам си ги постави како услов за успех, не исполнува ниту еден од нив. Токму затоа е време за оставка и за свикување вонреден конгрес.“
Марина Кавракова е дипломиран економист на Факултетот за економски науки при УКИМ. Има работено како:
- Професор по економија во Средното училиште „Васил Антевски Дрен“ – Скопје во 1992 година;
- Директор на фабриката за чевли Тамаго – Скопје 1993-1998 година;
- Помошник-директор во Царинската управа на РМ 1999-2000 година;
- Директор на Агенцијата за приватизација од 2000 до 2001 година;
- Член на Советот на НБРМ од 1996 до 2006 година;
- Претседател на Комисијата за хартии од вредност на РМ од 2007 до 2012 година;
- Директор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на РМ од 2012 до 2017 година;
- Самостоен советник во Царинската управа на РМ од 2017 година до денес.