Делегација на Сојузот на средношколци, предводена од претседателот Бленди Ходаи, остварија средба со премиерот Оливер Спасовски, заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска и министерите за образование и здравство Арбр Адеми и Венко Филипче.
На средбата претставниците на Сојузот на средношколците биле детално запознаени со одлуката на Владата за моделот според кој ќе се организира и спроведува наставата во основното и средното образование во услови на ковид-19, која е донесена врз основа на стручните анализи и препораки на Комисијата за заразни болести.
„Моделот за комбинирано организирање на наставата онлајн со алатки за интернет комуникација и со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение во основното образование и со одредени други исклучоци каде што тоа е безбедно од здравствен аспект, беше истакнато на средбата, е прифатен како модел кој во најголема мерка ги намалува ризиците за здравјето на учениците и наставниците“,
се вели во владиното соопштение.
Премиерот Спасовски, вицепремиерката Царовска и министрите за образование и за здравство Адеми и Филипче ја прифатиле сугестијата на претставниците на Сојузот на средношколците за нивна поголема вклученост во подготовките за организација и спроведување на прифатениот модел, за да се постигнат најдобри решенија во интерес на учениците и наставниците. Исто така, министерот за здравство Филипче, ги покани средношколците да присуствуваат на состанок на Комисија за заразни болести на кој детално ќе се запознаат со состојбата со ковид-19, но и за мерките за заштита од заразата кои се во интерес на заштитата на јавното здравје.
