Генералниот секретар на СДСМ, номиниран за вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, не кажува зошто, и покрај најавите дека денеска ќе се изврши реизбор на Талат Џафери за претседател на Собранието, продолжение на конститутивната седница не е закажано. Но, тврди дека проблемот не е ДУИ.
„Не е точно дека е поради ДУИ. Нема проблем, не знам од каде ви е тоа“,
возврати Николовски на нашите СМС пораки, но не одговори на прашањето зошто не е закажана седница.
Вчера по завршувањето на партискиот Централен совет, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кажа дека денеска Талат Џафери ќе биде реизбран, а собраниски извори синоќа за „360 степени“ потврдија дека веќе стигнале најави за седницата.
Но, повеќе медиуми уште синоќа јавија дека во ДУИ постои незадоволство од дел од кадровските решенија на лидерот Али Ахмети за новата влада. Револтот, според пишувањата, е најизразен во разграноците на ДУИ во Чаир и во Сарај, а се однесува најмногу на кандидирањето на Артан Груби за вицепремиер и Бујар Османи за министер за надворешни работи.
Според ТВ Алсат-М, вчерашната седница на Централниот совет на ДУИ ја бојкотирале пратениците од Чаир и Сарај, Изет Меџити и Арбен Зибери, а незадоволство од поделбата на ресорите имало и во Струга. Двајцата пратеници наводно најавиле дека нема да учествуваат во гласањето на Талат Џафери за претседател на Собранието и на новата влада.
Во моментов, ДУИ се на координативна средба во Собранието.
Без гласовите на Меџити и Зибери, Талат Џафери не може да биде избран за претседател на Собранието, затоа што Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, заедно со ДУИ и ДПА има вкупно 62 пратеници, а спикерот се избира со 61.
По синоќешниот партиски Централен совет, Ахмети рече дека имало дебата, но и дека сите одлуки се донесени со договор.
„Мнозинството на Централниот одбор ги прифати овие кандидати кои се предложени. Сите се овде од ограноците, нема партија која што нема дебата за овие прашања. ДУИ секогаш е транспарентна и на крај сите ја поддржаа одлуката која е добиена со мнозинство. Нема вознемирувања, природно е овие прашања да имаат дебата до последен момент. Сите заседанија на партиски тела се во присуство на медиумите и транспарентни“,
истакна Ахмети.