Екипите на Градскиот инспекторат и Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“ викендов спровеле акции низ скопските општини Чаир и Карпош и затекнале граѓани кои непрописно одлагаат кабаст отпад. Изречени се 47 опомени и 9 казни.
„Контролите беа спроведени на повеќе локации кои претходно беа посочени како места каде што често непрописно се одлага кабастиот отпад, а за поуспешно реализирање на акцијата, во надзорот беше вклучен и дрон“,
велат од Град Скопје.
Оттаму потсетуваат дека јавното претпријатие „Комунална хигиена“ има новитети во услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад од домовите на граѓаните. Жителите на градот Скопје коишто имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да ја нарачаат услугата за подигнување и транспорт на отпадот со специјалните возила на ЈП „Комунална хигиена“.
„Со воведените измени на услугата, граѓаните ќе имаат можност да ја одберат опцијата нивниот кабаст отпад да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор за индивидуални или за колективни домаќинства. Услугата за собирање кабаст отпад од домовите на граѓаните се наплатува во согласност со ценовникот на ЈП ‘Комунална хигиена’“,
додаваат од Град Скопје.