Откажување на Меѓународниот саем во Солун, кафулињата и рестораните во делови од Грција ќе работат до полноќ, задолжителен негатвен ПЦР-тест при пристигнување од одредени земји, се дел од новите мерки што ги воведува грчката Влада поради растот на бројот на заразени со коронавирус.
Ова, како што јави МИА од Атина, е одлучено на денешниот состанок за ковид-19 на премиерот Кирјакос Мицотакис со надлежните министри и епидемиолозите.
Една од главните одлуки е откажувањето на Меѓународниот саем во Солун планиран од 5 до 13 септември, на кој оваа година Германија требаше да биде почесна земја организатор.
Една од шестте мерки соопштени попладнево е и забрана за работа на угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови и слично од полноќ до седум часот наутро на островот Крит, во регионот Источна Македонија и Тракија, во Солун, Лариса, Волос, Катерини, на Халкидики, како и на островите Крф, Миконос, Парос, Санторини, Родос, Андипарос, Закинтос и Кос.
Забраната стапува во сила утре и ќе важи до 23 август, но во зависност од епидемиолошките податоци, може да се прошири и во други делови на земјата.
Во цела Грција се откажуваат и сите јавни манифестации на кои присутните стојат, вклучувајќи ги и концертите и претставите.
Во однос на туристите, за сите оние кои од 17 август ќе пристигнат во Грција со летови од Шведска, Чешка, Белгија, Шпанија и Холандија, задолжителен е негативен ПЦР-тест направен 72 часа пред патувањето.
Истото важи и за сите оние кои од 17 август ќе влезат во Грција преку копнените граници, вклучително и грчките граѓани и оние кои имаат дозвола за престој, а тестот треба да биде направен во земјата од која влегуваат, а не во Грција.
Од 16 август, преку граничниот премин Какавиас со Албанија, дневно ќе биде дозволен влез на намногу 750 лица.