Откако екс-градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски му поднесе тужба за клевета поради навреди на фејсбук, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски објави уште еден статус во кој вели дека клеветата ќе треба и да се докаже.
„Тоа што ме тужи не значи и дека има основа. Сега ќе треба да ја докажува клеветата. Комплексите испливуваат и во текстот на тужбата, каде во прва реченица морал сам да се испофали . А заради тој успех загуби со 4.000 гласа! Полека ‘Комшија’, има уште! На пример да кажеш колку ми се плеткаш низ маало? И Ивица, јас сум портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, чиј што Претседател е проф. д-р Христијан Мицкоски. П.С. ‘Комшија’ се замислил дека е достоен Проф. Д-р. Мицкоски да се занимава со него“,
напиша Стоилковски на фејсбук.
Коневски е навреден што Стоилковски пишувал дека во спорната зграда кај Мајчин дом во Аеродром, Коневски има стан и деловен простор над 350м и затоа не ја критикува актуелната власт.
Коневски бара Стоилковски да се извини за статусите, а на партискиот лидер Христијан Мицкоски повторно му порача да си замине од претседателската позиција во партијата.
По изборните резултати, Коневски и други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ повеќепати му порачаа на Мицкоски да си замине од врвот на партијата.
Мицкоски пак, на прославата на Илинден од Ташмаруништа остро ги нападна сите оние кои бараат оставка од него и од членовите на раководство, нарекувајќи ги јаничари на власта и товар на партијата.