Поранешниот министер за здравство и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров му порачува на Христијан Мицкоски дека доколку не успее да формира Влада, тоа ќе значи уште еден пораз за актуелното раководство и во таков случај, треба веднаш да се случи мирна и демократска промена на раководството.
„Смислата на спортот а и на политиката, не е само да учествуваш, туку да и победуваш. Она, ‘важно е да се учествува’ е обична утеха и изговор за лузерите. Ништо повеќе,“
пишува Тодоров во својата нова колумна објавена на Дојче Веле.
Тодоров оценува дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ под селекторската палка на актуелниот прв човек губи во низа и слично како и на фудбалските натпревари во Шпанија, страсните навивачи на партијата, мафтајќи со бели марамчиња, бараат од него да си замине .
„Ова во никој случај не значи дека навивачите се предаваат или се откажуваат од својот омилен тим, туку напротив, го прават тоа за да престанат да губат и да почнат да победуваат. Сите го обожаваат својот тим (својата партија) и се пресреќни кога партијата ќе победи, но и се тотално депримирани и потиштени кога ќе загуби. Затоа и постои оваа традиција преку која страсните навивачи на еден симболичен начин му порачуваат на тренерот или селекторот да си оди. Да си замине и него да го замени некој друг кој ќе носи победи на нивниот омилен тим“,
потенцира Тодоров.
Тој оценува дека Мицкоски и носи лоша среќа на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи откако станал висок партиски функционер, партијата никако да го почуствува задоволството од победа.
„И јас, но и многу мој искрени сопартијци имаме чувство како актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ да и носи малер на партијата. Стана ГенСек на партијата и прв пат после 12 години загубивме. Беше носител на листа на советници за град Скопје во 2017 година и загубивме катастрофално. Стана претседател на партијата и повторно загубивме, овој пат на претседателските избори. Со истиот тој претседател, овој пат како шпицен кандидат (кандидат за премиер) изгубивме на најважните избори, на парламентарните избори. За разлика од нас останатите, овие луѓе од актуелното раководство како да се научени да губат. Единствената победа која актуелниот претседател ја има остварено е победата на партискиот конгрес во Валандово кога се бореше и победи против замислен противник. Можеби и затоа е чувството како човеков да и носи малер на партијата, како да има нешто во неговиот менталитет што постојано води кон пораз. Од победничка, ВМРО-ДПМНЕ ја претвори во губитничка партија. Ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ губи во низа и секогаш за поразот сé некој друг им е виновен.“,
пишува Тодоров во колумната.
Тој вели дека му дава поддршка на Мицкоски да состави парламентарно мнозинстви и да формира Влада, но ако тоа не се случи, тогаш според Тодоров. заминувањето е неизбежно.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ не формира влада на сите ќе им биде јасно дека актуелното раководство прокнижило уште еден пораз и тогаш ако има останато барем малку чесност и честитост кај раководството тогаш треба веднаш да се случи мирна и демократска промена на раководството, без поделби и внатрешни политички судири со цел ВМРО-ДПМНЕ брзо да се врати на евро-атлантските постулати како модерна европска центар десна партија базирана на инклузивност, а не на исклучивост, поставена на модерни постулати на умерениот патриотизам, целосно ослободена од екстремниот национализам, радикализам и популизам. Во спротивност никогаш нема да мрдне од два пати по ред освоените околу 315.000 гласови. Целта не треба да биде за ВМРО-ДПМНЕ да гласаат само партиските членови, нивните семејства и традиционалните поддржувачи, туку неопходно е да се отвори и повторно да си ги придобие гласовите од неопределените гласачи. Само со нивните гласови и поддршка може да победува. Ако вака остане или ако почне да се цепка и војува меѓусебно, за жал ќе продолжи да си губи и да се ситни, а СДСМ ќе си го негува актуелново раководство, ќе си победува и владее“,
заклучува Тодоров во колумната за Дојче Веле.
(Целата колумна на Никола Тодоров за Дојче Веле може да ја прочитате на овој линк)