Владата на Црна Гора го чека мислењето на здравствените власти за епидемиолошкиот ризик кој би бил предизвикан од отворање на границите за државјаните од земјите од Западниот Балкан.
На одлуката чека и „оперативниот штаб за туристичкиот сектор“ кој побара од Владата, поради исклучително лошата сезона, Црна Гора да ги укине мерките со кои беше забранет влез на државјани од соседните држави.
Инаку, за да го спаси туризмот, Владата на Црна Гора реши од денеска да ги отвори своите граници за државјаните на Русија и на Азербејџан. Тие ќе можат да влезат во Црна Гора без никакви посебни услови, како што се негативен тест на корона или задолжителна самоизолација.
Туристичкиот сектор во Црна Гора бележи пад од 90 посто во однос на минатата година.
Последните неколку дена се намалува бројот на активни случаи на лица заразени со ковид-19.