ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија, а не акционерско друштво за да се преземе, порачува меѓународниот секретар на партијата, а сега и пратеник во новиот парламентарен состав, Тимчо Муцунски.
Ваквата негова порака доаѓа откако градоначалникот на Кавадарци и поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, најави дека ќе ја преземе партијата.
„За мене терминологијата е многу значајна. ’Преземање‘ се прави на корпоративен ентитет. Постојат повеќе видови на преземања коишто ги познава современото корпоративно управување. За разлика од корпоративниот свет, во науката за политиката и политичката пракса статусот/функцијата во демократските земји се здобива преку демократски методи. ’Демократија‘ и ’преземање‘ се веројатно два најдалечни поими во еден современ политички систем. Во таа смисла, ВМРО-ДПМНЕ не е акционерско друштво туку политичка партија. Оттука, легитимитетот го дава и го одзема највредниот дел од партијата – членовите“,
порача Муцунски преку Фејсбук.
Јанчев, пак, претходно во интервју за „Фокус“ рече дека е подготвен да го преземе кормилото на партијата од актуелниот лидер Христијан Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе дочека подобри денови, кои всушност ги чека одамна. Оваа ситуација не може да биде вечна. На луѓето веќе им е смачено од сите притисоци и тапкањето во место. Потребна е целосна промена, со демократски ставови, со различни мислења, со различни совети од сето тоа на крај да умееме да го извлечеме најдоброто. Едноумието не нè води кон успех, премногу субјективно размислување не носи чекор назад“,
рече Јанчев за „Фокус“.