Македонија неделава надмина неколку „рекорди“ кога се во прашање бројките поврзани со тестирањето и резулатите за ковид-19.
Надмината е бројката од 100 000 направени теста од почетокот на епидемијата во земјата, месецов е рекорден по бројот на тестови и за првпат по два месеци, стапката на позитивни тестови од направените на неделно ниво е пониска од 10%.
100 000 теста
Тоа што досега се направени 100 000 теста не значи и дека за ковид-19 се провериле исто толку граѓани. Точната бројка на луѓе кои го поминеле тестирањето е непозната, бидејќи многу граѓани имаат направено по три и повеќе теста. На пример, тие што биле дијагностицирани за позитивни, вообичаено им требаа два последователни негативни теста за да се сметаат за оздравени.
Сепак, она што бројките го покажуваат е дека заклучно со денеска се направени вкупно 102 317 теста. Како одминува времето, така се прават се поголем број на тестови.
Анализата на „360 степени“ на податоците од Министерството за здравство покажува дека во мај годинава биле направени 13 120 теста. Во јуни, бројот на тестови се зголемил за околу 2 и пол пати, на 31 138 теста. Во јули се направени 30% повеќе тестови споредено со претходниот месец или 41 155.

Паѓа процентот на позитивни
Доколку се земат во предвид податоците на Министерството за здравство, на дневно ниво, видливо е дека во последната седмица, броејќи наназад од денеска, во повеќето денови процентот на позитивни тестови е под 10%.
Како што покажува графиконот подолу, резултатот не е добар како во периодот кога епидемијата беше „смирена“, кон крајот на април и во мај. Но, од друга страна, процентот на заразени од тестирани е значително понизок од тоа што беше „стандард“ во последните два месеци.

Благиот напредок може подобро да се види ако податоците се групираат на неделно ниво. Така, во последниве седум дена, за првпат по два месеци бројот на позитивни од тестирани е понизок од 10%. Или поточно, позитивни биле 9,98% од вкупно 9 673 теста. Во претходните два месеци имаше и недели кога процентот на позитивни изнесуваше и 14,13Ж%. При врвот на т.н. „прв бран“ во април, процентот на позитивни од тестирани изнесуваше 11,58%.
