Поради здравствената состојба на досегашниот претседател на парламентот, според информациите, мали се шансите тој да оди во Крушево на 2 Август в недела, ама сѐ уште не е исклучено два дена подоцна да ја отвори конститутивната седница на новиот собраниски состав
Сѐ уште е неизвесно кој ќе го претставува државниот врв на централната манифестација на Илинден, на Мечкин Камен во Крушево.
Поради здравствената состојба на досегашниот претседател на парламентот Талат Џафери, кој е хоспитализиран на Инфективната клиника, според последните информации, со симптоми на коронавирус, и покрај неколку негативни тестови, мали се шансите тој да оди во Крушево, на 2 Август в недела.
Од друга страна, сѐ уште не се исклучува можност Џафери, два дена подоцна, на 4 август, да ја отвори конститутивната седница на новиот парламент, за која тој вчера го потпиша решението.
Според информациите, место Џафери, можно е на Мечкин Камен да говори досегашниот потпретседател на парламентот Горан Мисовски од НСДП, кој единствен го заменуваше Џафери, односно водеше собраниски седници во досегашниот собраниски состав.
Мисовски е единствен од досегашните потпретседатели на парламентот кој од прва обезбеди нов пратенички мандат, од листата на коалицијата на СДСМ во првата изборна единица. Фросина Ременски (СДСМ), не беше воопшто кандидирана за пратеник на овие избори, додека Зекир Рамчиловиќ (кој беше првично во независната ПГ) за малку не обезбеди влез во Собранието во „првиот бран“, иако беше кандидат на коалицијата „Можеме“.

Потпретседател на Собранието беше и Весел Мемеди од НДП, но тој се повлече од парламентот откако неговата партија ја напушти владата на СДСМ за време на последната реконструкција.
Мисовски ни изјави дека не зависи од него дали ќе оди на Мечкин Камен, туку од здравствената ситуација на Џафери и доколку тој го овласти да го заменува на одбележувањето на 117-годишнината од Илинден.
Одлуката Џафери да биде годинава во Крушево ја донесе Владата, според принцип на ротација, така што годинава премиерот Оливер Спасовски ќе биде во Скопје, а претседателот Стево Пендаровски ќе оди во Пелинце. Засега нема информации за промена на владината одлука.
Првиот Илинден по изборот за претседател на парламентот во 2017 година, Џафери беше на одбележувањето на Мечкин Камен, а потоа и во Пелинце и во Скопје. Годинава требаше да се „врати“ во Крушево, на претпоследниот ден од мандатот на деветтиот собраниски состав, но здравствената ситуација веројатно ќе го спречи во тоа.