Скопскиот кривичен суд од утре ќе биде „домаќин“ на судењето од највисок профил во последните две и пол години, откако почнаа процесите на СЈО. На обвинителна клупа, за прв пат, ќе седне токму доскорашната специјална обвинителка Катица Јанева, заедно со Бојан Јовановски алијас Боки 13 и Зоран Милевски викан Кичеец.

Предметот ќе го води судијката Васка Николовска-Масевска. За првпат е избрана во март 2012 година, кога претседателка на Судскиот совет е Александра Зафироска. Во одделението за организиран криминал на скопска единица е прераспределена на почетокот на 2018 г., по доаѓањето на Иван Џолев за претседател на судот. Архивата на медиумите не го исфрла нејзиното име во претходни случаи од висок профил.
За очекување е распоредот на судењата за „Рекет“ да биде густ, бидејќи станува збор за притворски предмет. Кичеец и Јанева ќе доаѓаат во суд од домашен притвор, а барем засега Боки 13 ќе биде спроведуван од притворот во Шутка.
Ако нема одложувања, со оглед на фактот што има мал број обвинети, може да се очекува наскоро во судницата јавно да сведочи и бизнисменот Јордан Камчев. Тој и го пријави случајот, тврдејќи дека обвинетата тројка му изнудувала пари за да му ја олеснат позицијата како осомничено лице во случајот на СЈО „Империја“.
Кои дела им се ставаат на товар на Јовановски, Милевски и Јанева
Според обвинението, сите лица се обвинети за истите дела за кои беа осомничени во истрагата.
Бојан Јовановски е обвинет за две дела. Прво, за „Примање награда за противзаконско влијание“ за што, доколку е прогласен за виновен, Кривичниот законик предвидува казна од 1 до 10 години затвор. Второ, за „Перење пари и други приноси од казниво дело“, за што е предвидена казна, исто така, од 1 до 10 година.
Зоран Милевски-Кичеец е обвинет за едно дело: „Примање награда за противзаконско влијание“, за што казната, како што рековме, е 1 до 10 години затвор.
Катица Јанева е обвинета за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, според познатиот член 353, за што е предвидена казна од најмалку 3 години затвор.
„360 Степени“ имаше увид и во самото обвинение. Во него се опишани настаните.
„Откако во предметот со работен наслов „Империја“ обвинетата Катица Јанева донела наредба за истражна постапка против Јордан Камчев и други … поднела Предлог за определување мерка притвор … неколку дена по неговото притворање (на Јордан Камчев н.з.), обвинетиот Зоран Милевски, во договор со обвинетиот Бојан Јовановски, користејќи ги околностите дека тој бил вработен во „Орка холдинг“, договорил средби со Ана Камчева – сопруга на… Јордан Камчев. Бојан Јовановски во неговата канцеларија лоцирана во зградата која ја користи телевизискиот медиум „1ТВ“ … телефонски преку спикерфон контактирал со обвинетата Катица Јанева за да го увери сведокот во нивната блискост.“
Откако Камчева била уверена во блискоста и влијанието на Јовановски врз Јанева…
„Бојан Јовановски и Зоран Милевски на средба со неа побарале 500.000 евра за мерката притвор против нејзиниот сопруг да биде заменета со поблага мерка – куќен притвор… Откако Ана Камчева обезбедила 500.000 евра… обвинетата Катица Јанева, искористувајќи ја својата службена положба и овластување до Апелациониот суд во Скопје, дала предлог мерката притвор против Јордан Камчев да се укине и да му се одреди поблага мерка – куќен притвор.“
За време на издржувањето на мерката куќен притвор, според обвинението, Јовановски и Милевски го посетуваат Камчев дома.
„Барале 8 милиони евра доколку СЈО со одлука на Врховниот суд… остане овластен тужител во кривичниот предмет против него, а доколку донесе мислење дека тоа обвинителство е неовластен тужител да им даде 5 милиони евра за во истражната постапка Катица Јанева да му даде својство на заштитен сведок, со наредба да ја запре истражната постапка или да склучи со него спогодба за полесни кривични дела и да плати незначителен износ на штета…“
Камчев плаќа еден милион евра на 20 февруари 2019 година. Снимките од настанот се оние кои излегоа во јавноста. Обвинението завршува со опис дека околу 1,5 милиони евра завршиле кај Кичеец и Јовановски, а кај Катица Јанева околу 50.000 евра во кеш и 5 илјади евра во мебел. Во обвинението има детален опис како се трошени парите, само за Бојан Јовановски.
Токму таа околност остава празнина во теоријата на случајот на обвинителството, односно дека во обвинението нема информација што се случило со парите кои наводно завршиле кај Кичеец, кој патем беше првиот кој доби амин да излезе од притвор. Тој беше фатен и со телефон во притвор, ама обвинителството се уште не проверило со кого.
Со кого Зоран Милевски комуницирал преку мобилен телефон од притвор?
„Не… затоа што мислам дека се уште не се готови вештачењата на тие телефони затоа што имавме приоритетни телефони и компјутери кои требаше во меѓувреме да се извештачат а кои се уште не се извештачени“,
одговори Русковска во тв интервју.
Како ги трошела парите, нема информација ниту за Катица Јанева. Во истиот јавен настап, во емисијата „Отворено“ на ТВ 24, обвинителката Вилма Русковска, објасни дека заклучокот дека таа добила пари е донесен врз основа на снимка.
– Ќе биде ли доволна една слика, на која пред Јанева има едно купче со 50,000 евра? Како ќе ги поврзете тие пари од телефонот на Боки со сомнителното вадење на толкава сума пари од банка од страна на осомничен во „Империја“, ден пред објавувањето на таа слика?
„Јас во истражниот тим имам компјутерски форензичар. И тоа беше негова задача.
– Тој ве увери?
Не. Анализата што ја направи ме увери.
– Дека парите се земени или дека снимката е веродостојна?
Дека снимката е веродостојна.
– Ги пронајдовте ли парите?
На кои пари мислите?
– На тие што беа на снимката.
Не.
Токму врската меѓу одлуките кои Јанева ги носела како обвинител и наводно примените пари, се точката која ќе ја напаѓа нејзината одбрана.
„Во однос на начинот на кој ние ќе постапиме, недвосмислено ќе го искористиме правото на одбрана, ќе се обидеме да докажеме дека Јанева е невина… На товар и ставаат дејствија коишто Јанева како обвинител имала право да ги преземе и оттука сметам дека во нејзините дејствија нема злоупотреба на службената положба“
вели адвокатката Ирена Фрчкоска.
Адвокатката Ирена Фрчкоска бара од судот да се апстрахира од мислењето создадено во јавноста и очекува објективна постапка. Меѓу елементите кои се важни во одбраната се, според нив, повредата на право на одбрана, бидејќи од Русковска добиле само дел од доказите, што е спротивно на законот.
„Значи, ние се уште како одбрана ги немаме добиено сите докази. Ние додека не ги добиеме сите докази, не можеме да го отпочнеме судењето, како за нас како одбрана така и за Јанева лично… Од друга страна во листата на докази беа цитирани докази кои се уште се во фаза на изработка, односно во фаза на вештачење. Што ќе произлезе од тие вештачења, како ќе се употребат, ние како одбрана не знаеме
вели Фрчкоска.“,
За она што одбраната го гледа како повреда на постапката биле испратени дописи до државното обвинителство уште пред еден месец. „360 Степени“ праша каков е епилогот од тие барања, но не добивме одговор.
За разлика од адвокатката на Јанева, бранителите на Јовановски и на Кичеец одлучија дека ден пред судење не би сакале јавно да ги изнесат своите ставови.
Само телефонски, адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски, најави дека и неговиот клиент ќе ја докажува својата невиност. Неговата најголема забелешка е односот на институциите кон здравјето на неговиот клиент. За пример, го посочува ставот на болницата 8 септември, од каде во петокот потврдија дека Јовановски е „сместен во апартман во одделението за интензивна нега заради почитување на безбедносните протоколи, а не заради тежината на неговата здраствена состојба“.
За потоа да кажат и дека ќе остане во болница се додека не се завршат испитувањата но и дека „тој се планира да биде испуштен од болничката установа ГОБ 8ми септември, најкасно во понеделник на 02.12.2019 година.“
„360 Степени“, случајно или не, не успеа да добие дециден став само од одбраната на Зоран Милевски-Кичеец. Одговорот секако ќе знае веќе утре, во големата сала на новата зграда на скопскиот кривичен суд.