Лицемерниот Мицкоски молчеше кога неговиот шеф тајно поставуваше споменици и кога Скопје го претвораа во град на стиропор, СДСМ е партијата што создава заедно со граѓаните, реагираат социјалдемократите на коментарот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за Универзална сала во кој порача дека рушењето на овој објект не е опција.
„Крајно несериозно и лицемерно е за планирањето на Скопје да зборува некој што уста не отвори кога градот го облекуваа во фасади од барок и стиропор. Истиот тој Мицкоски молчеше кога се менуваа фасадите на улица Македонија. Молчеше Мицкоски и за зградата на ЕЛЕМ за време на неговото директорување. Разликата е огромна. Додека ВМРО-ДПМНЕ узурпираше и ниту еднаш не ги праша граѓаните за мислење, СДСМ е отворен и заедно со граѓаните носи решенија“,
велат од СДСМ.
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, која поставуваше споменици среде ноќ, велат тие, ние работиме транспарентно и отчетно.
Покажавме, нагласуваат, како домаќински се работи исклучиво во интерес на граѓаните и на државата.
„Сè што прави СДСМ прави заедно со граѓаните, сè што прави СДСМ трае и служи долго“,
велат од партијата.
Градоначалникот Петре Шилегов денеска во 13 часот треба да одржи брифинг со новинарите кој ќе биде јавно пренесуван на Фејсбук. Во пресрет на брифингот, Шилегов порача дека ништо не е конечно одлучено.
Судбината на Универзалната сала се најде во фокусот на вниманието откако Град Скопје распиша конкурс за идејно решение за парк со летна сцена на таа локација.
*Поврзани вести:
Планот за дислокација на Универзална не е конечен, на маса се повеќе опции
ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов со еден потпис реши да го урне симболот на Скопје
Трајановски до Шилегов: Дали Универзална се жртвува за изградба на 50 згради кај Треска?
Шефот на кабинет на Шилегов одговара: Универзална нема да се руши, ќе се гради, но каде?