Лидерот на Демократската унија за интеграција на својот Фејсбук профил објави дека денеска во Скопје имал средба со лидерот на БЕСА, Билал Касами. Според претседателот на интегративците, средбата со партијата која настапи во коалиција со СДСМ на парламентарните избори, следува по минатонеделниот телефонски разговор.
Ахмети, за јавноста, не сподели и многу детали за разговорите со Касами.
„Со г. Касами го поздравивме завршувањето на предвремените парламентарни избори на 15 јули и заеднички ја прифативме позитивната оценка на меѓународната заедница, а особено ОБСЕ. За време на конструктивниот состанок, се согласивме да продолжиме со напорите за (продолжување на н.з.) евроатлантскиот пат на земјата, како и за (продолжување на н.з.) на долгоочекуваните реформи кон владеење на правото, преку отоврен и постојан дијалог“,
вели Ахмети за средбата со Касами.
Но, освен за средбата со Касами, Ахмети „резервира“ и еден параграф наменет за, како што ги наракува, опозициските партии на Албанците.
„Сепак, во следните денови, се надевам дека ќе имам работни состаноци со лидерите на опозициските партии на Албанците, во интерес на граѓаните на нашата земја“,
вели Ахмети.
Ставот на Ахмети мора да се гледа во светло на завчерашнот предлог кој јавно го лансираше високиот партиски функционер Бујар Османи, со кој се предлага т.н. „платформа“ на партиите на Албанците во Македонија. Петте столба, како што ги нарекуваат од ДУИ, главно предвидуваат: на изборите да настапуваат најмногу две партии или две коалиции на партии на Албанците; само тој што ќе победи да води преговори за формирање на влада а вториот да не се меша и опозицијата кај партиите на Албанците да дава поддршка на владејачката партија на Албанците за „стратешките линии“, а да критикува за дневно политички прашања.
Експресниот одговор кој ДУИ го доби од Алијансата за Албаниците и Алтернатива беше негативен. Коалицијата вчера протестираше со обвинување дека ДУИ ги „украле“ изборите, дека имаат лажен легитимитет кај Албанците, но и дека за „столбовите“ можело и порано да им текне.