Универзална сала со години чека ново руво. Тоа беше и меѓу главните ветувања и на актуелната и на претходната власт. Сега, допрва ќе се одлучува дали ќе се реконструира или ќе се гради нова сала на нова локација, а на сегашното место да има мала летна сцена и парк
Распишаниот конкурс за избор на идејно решение со кое би се градела летна сцена и парк на местото на Универзалната сала во Скопје не е конечно решение и не мора да се примени.
Од Град Скопје за „360 степени“ велат дека се отворени сите опции и за реставрација и за дислокација на Универзална сала, односно изградба на нова концертна сала на друга локација, а сегашното место да се уреди како јавен простор.
Од Градот повеќе детали за темата најавија за утре, кога Шилегов ќе одржи брифинг со новинарите.
Во меѓувреме, во негова одбрана застана шефот на неговиот кабинет, Никола Наумовски, кој на Твитер посочи дека идејата за дислокација не е конечна ниту, пак, е на Шилегов.
Како прво не е негова идеја, како второ не е одлучено конечно, а правото да управува со градот и да отвора тешки прашања му доаѓа од 140к гласови и победа во прв круг.
— Nikola Naumeaux (@NikolaNaumeaux) July 28, 2020
„Како прво не е негова идеја, како второ не е одлучено конечно, а правото да управува со градот и да отвора тешки прашања му доаѓа од 140 000 гласа и победа во првиот круг“,
пишува Наумовски.
Коментирајќи ги реакции во јавноста, Наумовски посвети уште еден „твит“ во кој вели:
Просто е неверојатно колку од луѓето кои вчера користеа носталгични аргументи за универзална тврдеа дека е изградена од бугарија. Чак имаше и еден вика “алооо наместо да ја рушите универзална, вратете ги буквите на тито на стара железничка”
— Nikola Naumeaux (@NikolaNaumeaux) July 28, 2020
„Просто е неверојатно колку од луѓето што вчера користеа носталгични аргументи за Универзална тврдеа дека е изградена од Бугарија. Дури имаше и еден што вели: ‘Алооо, наместо да ја рушите Универзална, вратете ги буквите на Тито на Старата железничка’“,
вели Наумовски.
Со критики за планот за дислокација на Универзална денеска се јавија и советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, кои велат дека на овој начин се урива симболот на Скопје. Тие го обвинија Шилегов дека едно ветувал во предизборие, а друго кога е на власт.
Нова локација за Универзална предлага Асоцијацијата на архитекти
Предлогот за распишување конкурс за ново идејно решение доаѓа од Асоцијацијата на архитекти.
Претседателот Мартин Пановски во изјава за порталот СДК.мк минатиот месец рече дека предлог го дале оти она што се барало во програмата за Универзална било преобемно за постоечките капацитети.
Од Асоцијацијата на архитекти како прва варијанта каде може да се гради новата Универзална сала го предлагаат делот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а опција е и просторот кај стаклениците на ЈП „Паркови и зеленило“ во Карпош во близина на крајниот дел од Градски парк.
Шилегов, пак, уште во мај 2018 година ги свика новинарите да го проследат потпишувањето на договорот со тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски за финансирање на реновирањето со пари од централниот буџет.
Шилегов изјави дека постојат три проекти, но ниту еден од нив не бил соодветен, па најави дека опциите ќе се доразработуваат за да се избере најсоодветно решение, а реконструкцијата рече дека ќе почне во 2019 година.
Универзална со години чека ново руво
Обнова на Универзална сала беше главно ветување и на претходната власт кога на чело на Градот беше Коце Трајановски.
По неколку неуспешни обиди, градските власти избраа проект за реконструкција и доградба на Универзална сала. Потоа решија да се гради комплетно нова сала во форма на јајце.

За кратко време, од „економски причини“, овој план беше отфрлен, па беше најавено дека, сепак, објектот ќе се догради и ќе се реконструира.
Салата е затворена од 2015 година, а извесно е дека Градот нема за скоро време да добие нова установа бидејќи допрва треба да се донесе решение дали ќе остане на сегашната локација или ќе се бара нов простор, па градот да аплицира за пари од државниот буџет како „капитална инвестиција.“