Градоначалникот Јанчев вечерва делеше едукативни флаер низ угостителските објекти
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев се вклучи вечерва во акција за делење едукативни флаери за заштита од ковид 19 низ градот, откако во последното деноноќие таму се регистрирани 10 новозаразени. Со тоа бројката на активни случаи во Кавадарци стигна до 31 од вкупно 48 од почетокот на епидемијата во земјава, а специфично е тоа што повеќето од новозаболените се на возраст од 18 до 48 години.
Сите членови на општинскиот Кризен штаб се вклучија во акцијата за делење едукативни летоци, како и други вработени во јавните институции. Како што објави градоначалникот Јанчев на фејсбук, поделени се над 1 500 флаери, што е само една од превентивните мерки што денеска ги утврди Кризниот штаб на општина Кавадарци.
Исто така, членовите на Кризниот штаб и вработени од Општината вечерва посетија повеќе локали, угостителски објекти, јавни површини, паркови и други места на кои што има поголеми собирања, со цел да упатат апел за почитување на мерките за заштита.
Одлучено е исто така секојдневно да се дезинфицираат сите јавни површини во градота, како и секој ден, по завршување на работното време, да се вршат дезинфекција на отворените и затворените делови од угостителските објекти.
Како што забележа Јанчев, во последното деноноќие се регистрирани речиси 30 отсто од активните случаи на ковид-19 во Кавадарци.