Периодот на повторување на силен земјотрес во скопското епицентрално подрачје како земјотресот во 1963-та година, е околу 500 години, покажуваат податоците и истражувањата на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ во Скопје
Раководителката Драган Черних посочува дека при градењето треба да се имаат предвид техничките карактеристики на тлото, како и неопходноста од проекти со асеизмички дизајн за интензитет од 9 степени според Европската макросеизмичка скала.
Таа посочува дека земјотресот е природна појава која не може да се предвиди, ниту времето ниту локацијата, ниту неговата јачина и интензитет, што создава одредена доза на страв кај населението, а е предизвик и искушение кај сеизмолозите.
„Земјотресот во Скопје е еден од тие природни катастрофи, кој се случи на денешен ден во 1963 година, во 5 часот и 17 минути, со Рихтерова магнитуда 6.1 и интензитет од 9 степени според Европската макросеизмичка скала, кога загинаа 1 070, а беа тешко повредени над 3 300 лица и беше почувствуван на целиот Балкански Полуостров. Територијата на нашата држава се наоѓа во сеизмички активно, односно трусно подрачје, каде што во последното столетие веќе се случиле неколку катастрофални земјотреси, како што беа и земјотресите и во Пехчево 1904 г. и во Валандово 1931“,
вели Черних.
Сеизмолошката опсерваторија е единствена институција во земјава која е задолжена да ја одржува сеизмолошката мрежа, да врши постојано набљудување и научна анализа на целокупната сеизмичка активност.