Владејaчката СДСМ преку соопштение најави дека преговорите за нова Влада почнуваат по Илинден. Во текстот се опишани и главните политики на коалицијата која освои најмногу пратеници на парламентарните избори – европска иднина, подобар економски стандард и реформи на полето на правдата.
„Одиме напред уште подобро, со конкретни решенија, мерки и политики кои ги следат потребите на граѓаните, со ефикасни планови за справување со Ковид, за повисоки плати, за ред и стандарди во државата. СДСМ има решенија и има капацитет нив да ги реализира уште подобро и уште повеќе. Членството во НАТО е завршена работа, можеме и во ЕУ. Владата предводена од СДСМ ги започнува преговорите за полноправно членство во ЕУ и за четири години ќе отвориме 80 проценти од поглавјата“,
соопштија од СДСМ.
Интересен дел од текстот на соопштението, кое инаку во многу наликува на кусо повторување на главните поенти од програмата за парламентарните избори, е повикот кој партијата го упатува до „сите пратеници“ да се „приклучат на прогресивните сили“. А во исто време се вели и дека „времето на поделбите и ретроградните политики на ВМРО-ДПМНЕ остана во минатото, нема враќање назад кон изолација, опасност и неизвесност“.
„Сите пратеници во наредниот парламентарен состав ќе имаат можност да да се приклучат на прогресивните сили предводени од СДСМ кои обезбедуваат успех, напредок и развој, поддржани од мнозинството граѓани и меѓународната заедница“,
се вели во дел од соопшението на владејачката партија.