Аспирациите на Македонија да стане членка на НАТО, прашањето за името, руското влијание во регионот, ставот на американската администрација за овие прашања – се темите во разговорот на Владимир Мирчески направен денеска во Вашингтон со Јан Бжежински, од Атлантскиот совет, поранешен висок функционер во Пентагон во администрацијата на Џорџ Буш помладиот и син на Збигњев Бжежински, советник на повеќемина американски претседатели:
Јас сум се повеќе загрижен за јужниот Балкан. Мислам дека има се повеќе линии на нестабилност во регионот и мислам дека Русија се обидува да ги искористи дури и да ги поттикне. Мислам дека рускиот обид за атентат на првиот човек на Црна Гора, гледам руски елементи во Република Српска, да се предизвикаат немири. Гледам дека провоцираат тензии меѓу Косовците и Србите. Забележувам траги на руска манипулација во медиумите, па можеби и во протокот на информации во вашата земја. Мислам дека Русија ја најде слабата точка на Алијансата и се обидува да подгрее немири во регионот, да ја ослаби Алијансата.
Дали гледате потенцијална закана за целиот регион, за стабилноста на регионот, ако Македонија повторно остане надвор од НАТО? Зборуваме за можноста за приклучување во НАТО во следните месеци, ако има решение на спорот за името, но мислите ли дека ако Македонија повторно остане надвор од НАТО, тоа нема да биде опасност само за земјата туку и за Балканот?
Се надевам дека Грција ќе го надмине своето двоумење за да и дозволи на Македонија да го добие своето заслужено во НАТО за време на самитот во јули, бидејќи тоа е голема шанса да се премости таа пречка, во односите меѓу Алијансата и Македонија. Имам сеќавање од прва рака за придонесот што македонските сили го дадоа во операциите предводени од САД во Авганистан. Тоа беше важен придонес за САД и за операциите водени од НАТО низ целиот свет. Се сеќавам дека македонските војници ја бранеа амбасадата на САД во Кабул не толку одамна, кога имаше напад од силите на Талибанците. Македонија е исправена до оние земји кои се во првите редови, кога станува збор за операции на Алијансата и тоа никогаш, никогаш, не треба да го потценуваме. Секако, јас го ценам. Што се однесува до тоа – што ќе се случи во јули, не знам. „Стискам палци“, гледам сигнали на оптимизам, гледам причини за оптимизам. Гледам знаци на прагматизам кај грчката влада. Но, ако таа покана не се имплементира, така да кажам, во јули, не мислам дека тоа ќе биде главниот поттикнувач на нестабилност на Балканот. Ќе биде неуспех, нема да им помогне на оние во Македонија што се најпосветени на трансатлантската идеја, кои се најпосветени на демократските реформи и слично. Но, тоа не значи дека вратата ќе биде затворена туку само ќе бидат потребни повеќе напори за да се подбутнат работите, да се осигураме дека Македонија ќе го добие своето заслужено место на масата на НАТО.
Настаните во Црна Гора пред неколку години и тековните изјави на претставниците на САД за малигно присуство на руското влијание на Балканот, дали мислите дека има потреба за поголемо присуство на Алијансата, не само на САД, на Балканот? Не само поради спротивставување на руското влијание туку и за зајакнување на реформските процеси и демократијата во регионот?
Зависи што подразбирате под присуство. Мислам дека нема потреба од зголемено воено присуство на САД или на НАТО во регионот. Но, мислам дека треба да направиме повеќе во соработката со владите во тој регион, за да се спротивстават на руското малигно влијание. Се уште мислам дека Западот заостанува во битката кога е во прашање справувањето со руските информациски операции, руските кибер-операции. Сето ова е забележано во регионот и се употребува за дестабилизација на регионот. Треба да направиме повеќе околу борбата против лажните вести што ги промовираат Русите. Да се справиме, со соодветни средства, со екстремистичките агенди во различни земји во регионот. Да ги охрабриме некои од овие земји да бидат похрабри во политичките реформи, во реформите од областа на владеењето на правото. Тоа е присуството што сметам дека треба да го засилиме, од страна на САД, од страна на ЕУ и од страна на Алијансата во вашето соседство.
Напишете коментар