Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, во изјава за ТВ 24 вести вели дека меѓународните обвинителства и судови се многу затворени и не наведуваат во кое својство повикуваат поединци или високи функционери. Таа не ја исклучува можноста во поканата што ја добил Ахмети тоа и да било наведено, но според неа, таква пракса не постои.
Цаца Николовска укажува дека без оглед ако Ахмети и бил повикан како сведок, сѐ зависи од изјавата што ќе ја даде при сослушувањето бидејќи, врз основа на неа, судот оформува процес, предмет или информира во кое својство лицето понатаму ќе биде повикувано.
„Тоа што господин Ахмети смета дека е повикан како сведок, можеби во неговата покана да има такво нешто, меѓутоа на официјалната страница на Хашкиот трибунал нема податок во кое својство е повикан. Во една таква ситуација, кога не знаеме, можеме само да претпоставуваме. Јас можам да кажам дека во зависност од изјавата и во зависност од тоа што трибуналот смета дека е релевантно, понатаму можеме да очекуваме какво својство ќе му определи на лицето кое што ја дало изјавата, односно на господин Ахмети“,
е оценката на Цаца Николовска за ТВ 24.