Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска демантира поврзаност со проектот за Европски центар за возрасни лица и мобилни услуги на „Меѓународниот сојуз“ – Скопје на Бојан Јовановски-Боки 13, како и соработка со оваа невладина организација.
„Најостро ги демантирам сите дрски лаги и конструкции изнесени во јавност од страна на Бојан Јовановски за поврзаност со проект на ГП Пелистер и за каква било соработка со ‘Меѓународниот сојуз’ и најавувам дека против него ќе поднесам тужба за клевета. Истовремено ја информирам јавноста дека со госпоѓата што ја споменува Јовановски во неговата изјава ниту некогаш сум соработувала ниту лично ја познавам. Изјавата на Јовановски е целосна невистина и е директен напад на мојот углед и достоинство за што ќе ги преземам сите правни мерки“,
вели вицепремиерката Мила Царовска.
Ваквата реакција доаѓа откако Јовановски во денешните воведни зборови во судскиот процес за „Меѓународниот сојуз“ зборуваше дека добивал поддршка од власта, па ја спомена и Царовска, која беше министерка за труд и социјална политика. „Меѓународниот сојуз“, рече Јовановски, функционирал како пандан на Министерството за труд и социјална политика.
*Поврзани вести:
Боки: Мицевски и Амзоски не се ниту мали ниту деловно неспособни за да бидат измамени
Дукоски: На Силјан Мицевски не можете да му земете 720 денари, а не 720 000 евра
Врв на криминален девијантен ум, го нарече Русковска случајот со „Меѓународниот сојуз“