Повеќе од месец дена, рекордер по бројот на активно болни лица во главниот град го држи општината Чаир. Така е и според денешната статистика – во општината има 285 активно болни од ковид – 19.
Но, бројките за оваа скопска општина имаат и позитивна компонента – иако бројот на болни е најголем во Скопје, тој се намалува
За еден месец, 35% помалку болни во Чаир
На 30 јуни, според информациите кои ги објавува Министерството за здравство, во Чаир имало 435 луѓе кои во моментот боледувале од ковид – 19. Тоа значеше дека еден од пет болни во главниот град е од таа општина, со оглед на тоа дека во тој момент во цело Скопје плус околните рурални општини имаше околу 2 000 болни.
Денеска, на 21 јули, во Чаир има 285 болни од ковид – 19 или 35% помалку од 30 јуни. Во Скопје, состојбата е речиси непроменета со околу 1 900 активно болни од новиот коронавирус.

Сличен тренд се бележи и во Сарај, општината која прва „експлодираше“ при т.н. втор бран на вирусот. На 30 јуни, во таа општина биле евидентирани 153 активно болни од коронавирусот, додека денеска тој број е намален за околу 25% на 116 пациенти.

Позитивни тенденции има и во Бутел. За разлика од 167 активни случаи кои беа регистрирани на 7 јули, денеска на 21 јули таму има 136 пациенти болни од ковид – 19.

Но, додека во едни општини паѓа бројот на активно болни од ковид – 19, во други повторно се јави тренд на зголемување.