ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе тужби до Управниот суд откако ДИК донесе решение да ѝ ги одбие двата приговори, едниот за физичко броење на гласовите и другиот за неважечките ливчиња, соопштија од партијата.
Очекуваат Управен да ги прифати тужбите бидејќи, според нив, така ќе се врати вербата на јавноста во изборниот процес.
Оттаму сметаат дека ДИК со тоа што ги отфрлил приговорите директно наштетил на изборниот резултат.
„ВМРО-ДПМНЕ поднесе два суштински приговори до ДИК во однос на барање на физичко пребројување на гласачките ливчиња од сите 3 480 избирачки места во државата, заради утврдување на точен и конечен резултат од предвремените парламентарни избори, како и во делот на свесната кампања со наведување на гласачите за уништување на гласачко ливче“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат две причини за барањето за рачно броење од партијата. Едната е што резултатите објавени на електронската апликација не се совпаѓаат со записниците.
„Понатаму, бројките објавени од страна на ДИК во Заклучокот за објавување на резултатите, односно вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња заедно со број на употребени важечки и неважечки гласачки ливчиња кои што се објавени во Заклучокот, е помал од бројот на избирачи запишани во Избирачкиот список. Тоа остава сомнеж за тоа каде се останатите гласачки ливчиња кои што недостасуваат согласно објавениот Заклучок на ДИК“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вториот приговор, кој беше одбиен и за кој ќе поднесат тужба, се однесува на тоа што според партијата гласачи свесно биле наведувани да ги поништуваат гласачките ливчиња со повиците да се прецрта „Северна“ од ливчето.
Покрај приговорите на ВМРО-ДПМНЕ, ДИК ги одби и сите други – вкупно 2 142. Најмногу – 1 982 имаше од Левица, но 1 478 беа експресно отфрлени бидејќи немаа потпис од овластено лице. Алијанса за Албанците, пак, имаше 151 приговор.
Тужби за одбиените приговорите до ДИК најави и Димитар Апасиев од Левица, а се очекува на ист чекор да се решат и од Алијансата за Албанците.