На ниту едно друго место намалениот број на гласачи не е видлив како во Изборната единица 1. Споредено со 2016 година, бројот на гласачи до 19 часот се намил за цели 33% или од секои тројца што гласале на минатите избори, на овие, еден од таа тројка останал дома
Државната изборна комисија комплетно ги ажурираше податоците и за одѕивот на гласачите до 19 часот. Како што тоа беше случај и во 17 часот, јасно е дека огромен број на граѓани кои гласале на минатите парламентарни избори сега одлучија да останат дома.
Или низ бројки, во шесте изборни единици на територијата на земјата, во 2016 година до 19 часот гласале 1 183 620 гласачи. Оваа година, во истиот временски период, правото на глас го оствариле 829 927 гласачи. Разликата значи дека 350 000 луѓе кои излегле на претходните избори засега решаваат да останат дома.

Ако се споредат податоците по Изборни едници, видливо е дека низ цела Македонија има драматично понизок интерес да се оствари гласачкото право.
А на ниту едно друго место таа разлика не е повидлива од Изборната единица (ИЕ) 1 која ги опфаќа Карпош, Аеродром, Кисела Вода, Центар, Чаир, Сарај, Студеничани, Сопиште и Македонски Брод. На предвремените парламентарни избори во 2016 година во оваа ИЕ до 19 часот на гласање излегле околу 217 000 гласачи а сега околу 146 000. Разликата значи дека бројот на гласачи се намил за цели 33% или од секои тројца што гласале на минатите избори, на овие еден од таа тројка останал дома.

Сепак, за разлика од минатите изборни циклуси, на овие има уште два часа за гласање. Поради ковид-19 епидемијата, гласачките места се отворени до 21 часот. Колку од гласачите што сакале да гласаат ќе чекаат толку доцна за да го остварат гласачкото право останува да се види.