Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи и по нивно документирање ќе следуваат соодветни поднесоци

Четири случаи на врсничко насилство регистрирала полицијата изминатото деноноќие.
Првиот случај, што е регистриран во денешниот полициски билтен, е од четвртокот вечерта кога 44-годишниот А.П. од скопско пријавил дека неговата 12-годишна ќерка била физички нападната од две малолетнички. Настанот, како што се додава, се случил во соблекувална во спортска сала во Илинден.
Вчера, пак, во 14:45 часот во СВР Скопје било пријавено дека во средата на 25.11.2026, во основно училиште на подрачјето на Општина Аеродром во Скопје, малолетник бил физички нападнат од двајца малолетници. Притоа од МВР велат дека еден малолетник настанот го снимал со мобилен телефон.
На подрачјето на Општина Аеродром, вчера бил пријавен и случај на физичка пресметка помеѓу две лица. Поради претходно нарушени меѓусебни односи, настанала физичка пресметка помеѓу 18-годишниот А.А. од Скопје и 14-годишен малолетник од скопско.
Четвртиот случај на врсничко насилство е од синоќа, кога А.Д.(18) од Скопје и двајца 17-годишници од Скопје и скопско во Градскиот парк со закана со дрвен предмет од четири малолетници од Скопје одзеле пари, по што физички нападнале двајца од нив. Потоа, во 22:20 часот, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода тројцата напаѓачи.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи и по нивно документирање ќе следуваат соодветни поднесоци.
