Според најавата на Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е домаќинка на состанокот, на утрешната средба ќе присуствуваат претседателот на Албанија, претседавачката и членовите на Претседателството на БиХ, претседателката на Косово, претседателот на Црна Гора, а се најавува и присуство на претседателот на српскиот парламент Александар Чупиќ, кој во моментов е в.д. претседател на Србија
Во Охрид утре ќе се одржи состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони – регионална иницијатива чии основачи се Словенија и Хрватска. Домаќинка на состанокот е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а коорганизатори словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

Според најавата на Кабинетот на претседателката, на утрешниот состанок ќе учествуваат претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседавачката и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ, претседателката на Косово, Јустина Широка-Пула, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, а се најавува и присуство на претседателот на српскиот парламент Александар Чупиќ, кој во моментов ја извршува функцијата в.д. претседател на Србија.
Агендата за утрешниот состанок предвидува официјален пречек на лидерите од 10:45 до 10:55 часот, кои потоа ќе направат заедничка фотографија, а од 11 до 12:30 часот ќе се одржи самиот состанок. Од 14:30 до 15:00 часот заедничка прес-конференција ќе одржат Сиљановска-Давкова и претседателите Пирц Мусар и Милановиќ.
Процесот Брдо-Бриони е регионална иницијатива воспоставена од 2013 година со цел европска интеграција на земјите од Западен Балкан и стабилизирање на состојбите преку јакнење на регионалната соработка.
