Според Мирче Најдоски, член на Комисијата за култура на СДСМ, наместо укинување на договорот, потребно е негово целосно спроведување и реализација. Доколку постојат правни недоречености, како што рече, Владата треба да понуди законски решенија со кои ќе се гарантираат правата на вработените
СДСМ, како што вели, дава поддршка за културните работници во секоја законска и синдикална форма на борба за заштита на нивните права
Дали Владата однапред ја знае одлуката на Уставниот суд, кој утре треба да одлучува по предметот со што е оспорен Колективниот договор во културата, праша на денешната прес-конференција Мирче Најдоски од Комисијата за култура на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ).

На седница на Уставниот суд закажана за утре треба да се разгледа предметот во кој се оспорени членот 78-љ од Законот за културата и Колективниот договор за културата.
Најдоски оцени дека постои розик вработените во културниот сектор да ги загубат правата што ги гарантира Колективниот договор.
„Илјадници вработени во култура криминалната власт ги става под ризик да останат без колективните договори и да се врати состојбата пред 2020 година. Пари во буџетот нема за да ги следи обврските од Колективниот договор. Документ што со години ги гарантира работничките права на вработените во културниот сектор. Зошто е тоа така?“,
рече тој.
Според него, Колективниот договор е резултат на долгогодишна синдикална борба, преговори и социјален дијалог, со кој биле подобрени материјалниот и професионалниот статус на илјадници културни работници.
„Сакаме да испратиме јасна порака: работничките права не смеат да бидат загрозени, а Уставниот суд не смее да стане продолжена рака на која било власт!“,
додаде Најдоски.
Смета дека наместо укинување на договорот, потребно е негово целосно спроведување и реализација. Доколку постојат правни недоречености, како што рече, Владата треба да понуди законски решенија со кои ќе се гарантираат правата на вработените.
„ВМРО-ОКГ треба да разбере дека Колективниот договор не е партиска придобивка. Тој е договор за работничките права. Доколку постојат правни недоречености, Владата има обврска да понуди законски решенија со кои ќе се гарантираат правата на вработените, а не да остане нем набљудувач додека се отвора можноста за нивно уназадување“,
вели тој,
СДСМ, како што вели, дава поддршка за културните работници во секоја законска и синдикална форма на борба за заштита на нивните права.
„Културата не е партиски плен. Културните работници не се колатерална штета на политиките на оваа власт.
рече лченот на Комисијата за култура на СДСМ.
Рацете подалеку од работничките права! Колективниот договор за култура мора да биде заштитен заради работниците!“,
Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) вчера пред зградата на Уставниот суд побара да се одложи одлучувањето за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и претходно да се одржи јавна расправа на која ќе бидат сослушани сите засегнати страни.
Оттаму изразуваат сомнеж дека одлуката е веќе однапред позната, наведувајќи дека и покрај два писмени дописи испратени во мај и во октомври годинава, сè уште не добиле ниту покана ниту одговор од Судот за учество на седницата, иако СКРМ е еден од директните потписници на договорот.
Од Уставниот суд вчера информираа дека предметот во кој се оспорени членот 78-љ од Законот за културата и Колективниот договор за културата е ставен на дневен ред на седницата закажана за утре и веќе е во фаза на гласање.
Од Судот наведуваат дека се воздржуваат од јавно коментирање на правните аргументи и од какво било прејудицирање на исходот од постапката, најавувајќи дека јавноста ќе биде навремено информирана по донесувањето на одлуката.
