Држејќи голем транспарент на кој пишува „Не се откажуваме, ниту една повеќе“, насобраните граѓани со свирежи и извици „ниту една повеќе“ го почнаа маршот до пред зградата на Министерството за внатрешни работи

„Не е трагедија, фемицид е“, „Не е љубов ако те убива“, „Не сте свесни колку сме бесни“, „Тука сме за вашите ќерки, сестри, жени, мајки“, беа дел од транспарентите што можеа да се видат на денешниот протест на неформалната граѓанска иницијатива „Ниту една повеќе“, а кој почна од пред републичкото Собрание.
Целта на протестот е да се побара итна институционална одговорност и навремена заштита на жртвите на родово базираното насилство.
Држејќи голем транспарент на кој пишува „Не се откажуваме, ниту една повеќе“, насобраните граѓани со свирежи и извици „ниту една повеќе“ го почнаа маршот до пред зградата на Министерството за внатрешни работи.
Организаторите велат дека протестот е поради институционалниот молк и непостапувањето по пријавите за насилство. Тие порачуваат дека наместо протоколарни настани и декларативна поддршка се потребни конкретни чекори и судска правда.
Денешниот марш се надоврзува на протестот и блокадата пред Владата што истата иницијатива ги одржа на 20 ноември, под паролите „Мал престап жени убива, брат“ и „Кој ви даде право да нè убивате“. Повод за таа реакција беа последните случаи на брутално насилство врз жени, меѓу кои и случајот со 26-годишната охриѓанка, која беше претепана од својот 31-годишен партнер, против кого е поднесено обвинение за три кривични дела и му е одреден 30-дневен притвор.
