
Во пораките на Рикер, кој денеска потенцира дека улогата на опозицијата е клучна, како и дека времето за политички игри е завршено, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека не разбрал дека опозицијата мора да го поддржи Законот за јавно обвинителство. Пред да се сретне со Рикер, Мицкоски свика прес-конференција.
„Јас ќе имам можност за неколку часа од сега да му кажам кој игра политички игри во државава и детално ќе го образложам тоа, а господин Рикер, како искусен дипломат, слушајќи ги двете страни ќе донесе права одлука. Господин Рикер во никој случај не рече дека опозицијата треба да се однесува по принципот „земи или остави“. Искусни луѓе не размислуваат како Зоран Заев. Не постои друга поконструктивна улога од оваа. Прашањето е дали Владата е конструктивна“,
изјави Мицкоски.
Мицкоски наведе серија забелешки на предлог-законот за јавно обвинителство кој го предлага Владата, а со кој СЈО треба да се претопи во обвинителството за организиран криминал и корупција. Иако повеќепати најавуваше свој предлог-закон, Мицкоски вели дека во моментов тој се уште не е изработен. Опозицијата бара Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да ги преземе сите предмети отворени до оспорениот рок 30.7.2017 година, а за предметите по овој рок, по допрен глас да одлучи дали ќе постапува по нив.
„Да се почитува Уставот и принципот на вертикална субординација во рамките на едно обвинителство во Република Македонија. Нашиот предлог за државен јавен обвинител го задржа истото законско решение. Еве, целокупната доверба нека биде кај господин Јовески, нека се вклучи тој во бескомпромисната борба против криминалот“,
вели Мицкоски.
Претопувањето на СЈО во редовното обвинителство за опозицијата е правна фузија. Сепак Мицкоски признава дека Владата го прифатила тоа што опозицијата го дискутирала, но, од друга страна, вели дека тие бараат формирање на посебно оделение за организиран криминал и висока корупција. Мицкоски не сака сите човечки и материјални ресурси на СЈО да преминат во новото обвинителство.
„Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е сите обвинители да се вратат во матичните обвинителства по мандатот, детална истрага за срамниот случај „Рекет“, проверка на инволвираноста на Јанева и нејзината релација со осомничените и со оние кои се споменуваат со определени псевдоними. Истовремено проверка и детална истрага на сите обвинители кои и беа помошници на Јанева. Дури потоа откако ќе се констатира дали биле или не биле дел од овој срамен процес наречен „Рекет“, тие ќе можат да конкурираат“,
рече Мицкоски.
Вршителот на должност помошник – државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Заев кажа дека законот е добра основа и ја повика опозицијата да биде конструктивна.
Вчера еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, порача дека за земјава да ги отпочне пристапните преговори „црвените линии“ на Брисел се решавање на судбината на СЈО, како и тоа никој да не биде амнестиран поради пропуштени рокови. По средбата со Мицкоски, Хан на Твитер напиша дека го повикал и него да се ангажира за Законот за СЈО.
„Го повикав лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, да се ангажира активно и конструктивно во усвојувањето на Нацрт законот за СЈО. Преостанатите разлики не изгледаат непремостливи. Сега е потребно одговорно дејствување: Се работи за иднината на земјата и нејзините граѓани“,
напиша Хан на Твитер.

Владата веќе го испрати предлог-законот за ЈО во Собранието, со европско знаме, што значи дека тој ќе се носи по скратена постапка.
*Поврзана вест: СЈО се претопува во Обвинителството за гонење организиран криминал