Откако пропадна лидерската средба, премиерот Зоран Заев изјави дека до Собранието ќе достави нов предлог-закон за Јавно обвинителство. Владата предлага СЈО како структура да се интегрира во досегашното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и да се формира ново обвинителство со назив: Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција.
„Ќе има надлежност на цела територија на Република Северна Македонија и ќе ги има гаранциите за самостојност, а сепак се во хиерархијата на државното обвинителство. Новото обвинителство ќе биде водено од обвинителката Вилма Русковска, а сите обвинители кои работат во СЈО, ќе продолжат да работат во новото јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Нивниот мандат е до 15 септември 2020 г., но имаат шанса да конкурираат повторно. На овој начин ќе обезбедиме досегашната структура и ресурси во нова форма и без каква било можност политичарите да одлучуваат за составот и раководството на ова обвинителство. Сега тие одлуки ќе ги носи Советот на јавни обвинители“,
рече Заев.
Сите случаи кои се пред судовите, за кои СЈО е надлежно согласно новиот закон, обвинителите од СЈО ќе ги продолжат постапките. Постојните обвинители и истражители преминуваат во новоформираното обвинителство, како и архивата и материјалите. Тие ќе бидат заштитени финансиски врз основа на предлог-буџет и финансиски план на шефот на ова обвинителство кој го доставува до Министерството за финансии и државниот јавен обвинител.
„Вградивме одредба согласно која, првиот човек на ова јавно обвинителство може да се разреши единствено со двотретинско мнозинство од вкупниот број на членови на Советот на јавни обвинители. Тоа значи никој политички фактор не може да влијае на неговото работење, избор, именување и разрешување. Значајна гаранција е дека Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, без согласност од јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, не може да преземе кривично гонење за кое е надлежно ова обвинителство, освен ако не станува збор за непостапување“,
рече Заев.
Во однос на постапките на СЈО отворни по 30 јуни 2017 г., Заев рече дека за тоа треба да одлучат судските истанци. Премиерот вели дека има основа да верува дека во Собранието ќе се обезбеди двотретинско мнозинство зашто, според него, се прифатени сите суштински забелешки на опозицијата.
Една од позначајните измени во овој нов текст споредено со претходниот владин предлог е тоа што не се предвидува постоење на посебно одделение за висока корупција (во кое требаше да се трансформира СЈО) во рамките на ОЈО за гонење организиран криминал туку СЈО целосно треба да се претопи во ОЈО што го води Вилма Русковска.