Да не си поигрува со перспективите на граѓаните и да биде конструктивна во процесот на донесување на законот за јавно обвинителство. Ова е главната порака која в.д. помошникот државен секретар на САД ја има за опозициската ВМРО ДПМНЕ. Според Филип Рикер време е за крај на политичките игри. Рече дека донесувањето на законот е од голема важност за остварување на евроатланските перспективи на Северна Македонија и дека предлогот на законот е добра основа. Рикер се надева дека набрзо ќе биде изгласан.
„Како и во секоја вистинска демократија улогата на опозицијата е клучна, но таа улога мора да биде конструктивна. Времето за политички игри, истакнување со големи гестови, како и играње со идеите и перспективите на граѓаните е минато. Мојата порака е јасна – време е да се придвижат работите за доброто на земјата. Северна Македонија се движи напред да ги исполни целите на оваа држава кои траат со децении а се однесуваат на евроатланските интеграции и процесот на приближување кон ЕУ. Ова е клучно за процесот, но и за граѓаните. Слушам од пријатели од Северна Македонија дека ова е нешто што граѓаните сакаат да го видат решено. Времето тој процес да се задржува од опозицијата треба да заврши и се надевам дека опозицијата ќе има конструктивен пристап. САД сака да може да работи со сите политички партии во Северна Македонија, но за да го направиме тоа, како што кажаа и претседателот Трам и секретарот Помпео, мора да видиме разумни напори, а законот за Јавно обвинителство мора да се придвижи. Усвојувањето на законот ќе значи дека тоа веќе нема да биде прашање, ЕУ ќе може на есен да ги отвори пристапните преговори“,
рече Рикер.
Преспанскиот договор е модел како се решаваат проблеми
Рикер ја изрази поддршка од САД за земјава и рече дека се восхитува на постикнувањата како што е Преспанскиот договор кој, според него, останува модел за храбри решенија за проблеми. Како позитивни текови ги истакна економскиот раст на земјата и статистиката за директните странски инвестиции.
„Среќен сум што имав можност да наздравам со министерот за надворешни за вестите од Вашингтон и од Комитетот за надворешни односи на Сенатот кој ја одобри ратификацијата на протоколот за членство во НАТО. Се радувам и на средбата во Лондон и самитот што треба да ја воведе Северна Македонија како 30-та земја членка. Иако САД не е членка на ЕУ, на билатералните средби ги поттикнуваме земјите-членки на ЕУ да ги отворат пристапните преговори за Северна Македонија оваа есен.“
вели Рикер.
На средбата со премиерот Рикер зборувал и за последните случувања поврзани со процесите против организираниот криминал и висока корупција. Порачал дека институциите мора да обезбедат транспарентни истраги затоа што граѓаните го очекувааат тоа. Според Рикер државата треба да покаже дека никој не е над законот.