Во земјава има 243 тима на итна медицинска помош, но според министерот за здравство, скопската служба е дополнително оптоварена со обезбедување здравствена поддршка на големи настани и протоколарни посети, како и со транспорт на пациенти од странство
Службата за итна медицинска помош во Скопје ќе се издвои од Здравствениот дом – Скопје, со посебен буџет, самостојно управување и поефикасни постапки за вработување. Промената треба да почне во декември, најави денеска министерот за здравство Сашо Клековски.

По посетата на Службата за итна медицинска помош, оцени дека оваа здравствена дејност е запоставена во изминатите 30 години и дека набавката на нови возила не е доволна за решавање на проблемите.
„Утрово отидов да ги видам условите во кои работи Итната медицинска помош во Скопје и да ги слушнам проблемите од прва рака, во најоптоварената ИМП во земјата. Ќе бидам директен: условите се лоши. Простор што одамна не одговара на обемот на работа, диспечерски центар кој работи на граница на своите можности, и екипи кои и покрај сето тоа излегуваат на терен 24 часа дневно, 365 дена во годината“,
вели министерот.
Според него, првиот чекор, кој сме одлучни да го направиме веќе во декември, е издвојување на Службата за итна медицинска помош од Здравствениот дом – Скопје за да обезбедиме соодветно управување, соодветен буџет и соодветни постапки за вработување.
Посочи дека до 2030 година значителен дел од вработените ќе заминат во пензија, поради што е неопходно навремено планирање на кадровското екипирање.
„Пред неколку дена лекар и медицинска сестра од оваа служба беа нападнати на работно место. Луѓето што доаѓаат кога ни е најтешко заслужуваат и пристојни услови за работа и безбедност додека ја вршат својата должност. И едното и другото се наша обврска“,
вели Клековски.
Како дел од реформите, министерот најави и воведување национален протокол за тријажа, со кој ќе се утврдува степенот на итност на здравствените состојби и времето во кое пациентите треба да добијат медицинска помош, како и формирање национален диспечерски центар за координација на сите екипи и возила во државата.
Според него, во земјава има 243 тима на итна медицинска помош, но скопската служба е дополнително оптоварена со обезбедување здравствена поддршка на големи настани и протоколарни посети, како и со транспорт на пациенти од странство.
Со националниот диспечерски центар ќе се овозможи ангажирање екипи од други региони кога скопската служба е преоптоварена, како и подобра проценка која екипа може најбрзо да стигне до местото на интервенцијата.
Клековски информира дека од 100-те нови возила за итна медицинска помош, 26 се наменети за Скопје. Со нив, како што рече, бројот на функционални возила на службата ќе се зголеми од 140 на 200. Дополнително, во декември се очекува оглас за набавка на уште 50 возила со поддршка од Европската Унија.
Министерот додаде дека се разгледува и можноста за воведување парамедици во противпожарните служби, а програмите за нивна обука се подготвени. Како еден од најголемите актуелни проблеми во итната медицинска помош го посочи недостигот на возачи.
Клековски вчера на Фејсбук напиша дека под неговата објава дека е потребна кривична одговорност за нападот на здравствените работници, најчести коментари биле наменети за функционирањето на Брзата помош. Меѓу поплаките на граѓаните се, како што вели, долгото чекање, недостиг на екипи и одбивањето повици за интервенција.
„Прашањето што беше во коментарите – кој го крева пациентот кога дома нема кој да помогне. Тоа не е медицинско прашање, ама е вистинско прашање и нема да се преправам дека не постои. Мерката за успех нема да биде во ниту една објава, во ниту едно соопштение. Ќе биде едно: колку чека човек од моментот кога ќе се јави на 194“,
кажа тој.
