Граѓанските организации бараат во Собранието итно да се усвојат предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство кои беа поднесени уште во август. Меѓу клучните измени се проширување на полициските овластувања во случаи на сериозна и непосредна опасност за жртвата, заштита на децата кои се директни или индиректни жртви на насилство и електронско следење на сторителите по изречени мерки за забрана за приближување и комуникација со жртвата
Неофицијалните информации зошто предлог-измените не се ставаат на дневен ред во Собранието, како што рече извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Елена Димушевска, е бидејќи дел од пратениците, под влијание на антиродовите движења, го блокираат процесот со цел постојниот предлог да се повлече и да се отвори нов во кој ќе бидат изоставени термините „род“, „родово базирано насилство“ и „родов идентитет“, по примерот на последните законски измени во образованието
Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација од денеска стапија во мораториум на учество во сите протоколарни настани и симболични кампањи во рамките на „16 дена активизам против родово базирано насилство“ што почнува на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и ќе трае до 10 декември.
Мораториумот, како што изјави извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Елена Димушевска, е реакција на долгогодишната практика на претставниците на институциите симболично да учествуваат во кампањи и само декларативно да се залагаат за промени на системот за заштита на жените од семејно и родово базирано насилство, а во реалноста тој да остане недоволно функционален.

„Од година во година гледаме дека ништо не се случува“,
вели извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Отстранување на насилникот од домот и заштита на децата – едни од клучните измени
Едно од клучните барања на граѓанските организации е во Собранието итно да се стават на дневен ред и да се усвојат предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кои беа поднесени уште во август, а утврдени во рамките на работната група иницирана од МВР и Министерството за социјална политика, демографија и млади по смртта на Ивана и нејзината ќерка Катја во скопско Тафталиџе.
„Ние како граѓански организации бевме поканети и се приклучивме на работната група. Процесот на подготовка на предлог-измените заврши во јуни и беше договорено пратениците да го поднесат во Собранието за да се изгласа како итност за унапредување на системот на заштита, која се појави по трагедијата што се случи во март. Сега е ноември. По три месеци предлог-измените сè уште не се ставени на точка на дневен ред и сè уште не е воопшто ниту отворена дискусија, а не, пак, да бидат усвоени. Од пратениците бараме ова да се случи во најитен можен рок затоа што тоа ќе придонесе кон едно подобрено постапување односно што се предлог-измените“,
изјави Елена Димушевска на денешната прес-конференција.

Таа ги издвои трите клучни предлог-измени, и тоа – проширување на полициските овластувања во случаи на сериозна и непосредна опасност, со можност сторителот да биде отстранет од домот, унапредување на заштитата на децата кои се директни или индиректни жртви на насилство, вклучително и привремено ограничување на комуникацијата со родителот кој е вршител на насилството, како и воведување можност за електронско следење на сторителите кога им се изречени мерки за забрана за приближување и комуникација со жртвата.
За да се обезбеди соодветна заштита на жртвите, Димушевска како неопходно го потенцира постоењето на национален сеопфатен систем на специјализирани сервиси, за што Министерсвото за финансии во 2027 година треба да издвои најмалку 200 милиони денари. Според анализата на граѓанските организации, државата годишно треба да издвојува седум милиони евра за да може да ја обезбеди потребната заштита за жените и децата.
Антиродовите движења и влијанието врз законските измени
Неофицијалните информации зошто предлог-измените не се ставаат на дневен ред во Собранието, како што рече Димушевска, е бидејќи дел од пратениците, под влијание на антиродовите движења, го блокираат процесот со цел постојниот предлог да се повлече и да се отвори нов во кој ќе бидат изоставени термините „род“, „родово базирано насилство“ и „родов идентитет“, по примерот на последните законски измени во образованието.
„Антиродовите движења сакаат да нè вратат како општество децении наназад и да ја вратат жената во домот како мајка, сопруга, домаќинка која нема да има никаква економска независност и нема никаква моќ на одлучување“,
вели директорката на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Димушевска ги повика пратеничките, независно од која политичката партија доаѓаат, заеднички да се изборат за овие предлог-измени да бидат изгласани во Собранието.
Предложените законски измени, според Наташа Петковска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, освен неколку нови мерки не воведуваат ништо ново што претходно институциите немале можност да го направат. Нагласи дека справувањето со семејното насилство не може да биде успешно доколку не се адресира и родово базираниот мотив, кој е суштински за разбирање и спречување на насилството врз жените. Таа побара и транспаретност од институциите во однос на (не)постапувањето во случаите на родово базирано насилство.
„Бараме во сите фемициди и обиди за фемициди кои се случуваат надлежните институции да го испитаат постапувањето, да утврдат дали е направена соодветна проценка на ризик, дали е вооопшто направена таква проценка и кој конкретно е одговорен и треба да одговара кривично за таквите пропусти“,
рече Наташа Петковска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на денешната прес-конференција.
Таа информира и за анализата на судски пресуди од периодот 2014–2024 година чии наоди укажуваат дека во околу 90 отсто од случаите во кои постојат податоци за претходно пријавено насилство, полицијата веќе била запознаена. Наодите на анализата, во која се опфатени 59 случаи на фемициди и обиди за фемициди, покажуваат дека насилството најчество го извршуваат лица кои немаат дијагностицирани ментални нарушувања и кои се од најблиското опкружување на жртвите – сегашни или поранешни партнери, најчесто во заедничкото живеалиште.
Особено загрижувачки, вели Петковска, е што насилството често ескалира кога жртвата ќе одлучи да го пријави сторителот или да ја напушти насилната средина.
Покрај итно усвојување на предлог-законските измени, граѓанските организации бараат и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието да ги усвои заклучоците од надзорната расправа за семејно и родово базирано насилство, одржана во април годинава. Според нив, до денеска нема ниту нацрт-заклучоци ниту усвоени препораки, иако на расправата биле сослушани повеќе претставници на институциите. Инсистираат заклучоците да содржат конкретни рокови за постапување, за да може да се следи постапувањето на институциите.
