Премиерот рече дека производството на електрична енергија во ТЕЦ „Неготино“ би чинело од 170 до 175 евра за мегават-час, додека во одредени денови берзанските цени достигнуваат од 400 до 500 евра
Транспортот на јаглен од Косово, пак, е согласно договорот за ископ и испорака на три милиони тони во наредните три години. Како што рече тој, цената на овој јаглен е пониска од онаа на јагленот што во моментов се набавува од други соседни земји
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека се подготвува активирање на ТЕЦ „Неготино“ за производство на електрична енергија, како дел од планот за оптимизирање на работата на домашните енергетски капацитети и намалување на загубите во зимскиот период.

При посетата на Делчево, одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека со раководството на АД ЕСМ е изработен финансиски модел кој ги опфаќа ТЕЦ „Неготино“, блоковите во РЕК „Битола“, термоцентралата „Осломеј“ и хидроцентралите.
Според него, планот предвидува искористување на производствените капацитети во периоди кога електричната енергија на берзите е поскапа, со цел приходите да ги покријат очекуваните загуби во декември и јануари. Притоа, се очекуваат и поволни хидролошки услови во текот на зимата, што би овозможиле загубите да се надоместат напролет и во текот на годината.
„Очекуваме поволни хидролошки услови во текот на зимата за загубите од зимскиот период да ги надоместиме напролет и во текот на годината“,
рече тој.
Мицкоски посочи дека при актуелните цени на мазутот, производството на електрична енергија во ТЕЦ „Неготино“ би чинело од 170 до 175 евра за мегават-час, додека во одредени денови берзанските цени достигнуваат од 400 до 500 евра.
Посочи дека ваквата разлика овозможува економска оправданост за вклучување на термоцентралата во одредени периоди.
Премиерот најави и почеток на транспортот на јаглен од Косово, согласно договорот за ископ и испорака на три милиони тони во наредните три години. Како што рече, цената на овој јаглен е пониска од онаа на јагленот што во моментов се набавува од други соседни земји.
Оцени дека енергетскиот план е остварлив и дека со комбинирање на домашните капацитети, хидропроизводството и набавката на јаглен, државата е на добар пат да ги оптимизира трошоците и да ги намали загубите во енергетскиот сектор.
„Планот е остварлив. Ќе почне и транспортот на јаглен од Косово. Имаме договор во наредните три години таму да ископаме три милиони тони јаглен и да го донесеме кај нас. Цената е многу пониска од цената на јагленот што во моментов се носи од другите соседни земји. Кога ќе се согледа целиот план, мислам дека сме на добар пат“,
додаде премиерот.
Мицкоски пред десетина дена на брифинг со новинарите предупреди дека енергетската криза се продлабочува и дека претстои тежок период во кој ќе биде важно земјава да произведува повеќе струја, а зголемувањето на цената за домаќинставата да биде едноцифрено.
Тогаш кажа и дека Владата развива нов бизнис-модел за државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). Планот предвидува јаглен од Косово за работа на сите три блока на РЕК „Битола“ и повторно ставање во погон на ТЕЦ „Неготино“.
Иако Владата најавува дека нема да има поскапување на струјата по Нова година, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов вчера во телевизиско гостување рече дека цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари најверојатно ќе се зголеми за 2 до 3 отсто.
