Агенцијата за национална безбедност смета дека присуството на кинески компании, инвестиции и научно-образовни и културолошки институции, само по себе не претставува ризик по националната безбедност, сè додека ваквите активности не го надминат легалниот и добронамерен начин на функционирање и не задираат во аспекти што претставуваат сфера од безбедносен интерес за АНБ
Во Македонија функционира само еден институт „Конфуциј“ во склоп на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје. Дијапазонот на слушатели на „Конфуциј“ во последните години варира од 500 до 1 500. Дел од учесниците имаат можност и за посета на Кина. Еден од директорите на Институтот, Влатко Стоилков, вели дека „Конфуциј“ во земјава не е закана за националната безбедност, туку мост за соработка на сите нивоа. Ваквиот тип соработка од тинк-тенк организацијата „Естима“ го дефинираат како алатка на „мека моќ“ и апелираат на претпазливост. Повеќе во видеото
Прикажуваме фрагменти од годинашниот натпревар „Кинески мост“ за познавање на кинескиот јазик и култура – во организација на Институтот „Конфуциј“, а во склоп на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје. Делувањето на Институтот „Конфуциј“ во Македонија досега не било проблематизирано, но во САД политиката кон овие кинески центри зеде сосема поинаков правец. По повеќегодишни рестрикции, минатиот месец Пентагон отиде чекор понатаму.
„Во последните два месеца, систематски ја растуривме секоја од овие организации, користејќи ја моќта што ја имаме овде во Министерството за одбрана“,
соопшти Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
2018-та е годината кога американскиот Конгрес првпат го ограничи финансирањето на одредени кинески програми во кампусите на високообразовните институции во САД што биле домаќини на институтите „Конфуциј“. Во годините што следуваа, бројот на институтите „Конфуциј“ во Америка драстично се намали – од околу 100 на едвај 5. Осум години по првичните мерки, Вашингтон презеде уште порешителен чекор – министерството за одбрана, односно за војна, официјално ги означи овие институти како закана за националната безбедност. Еве и зошто.
„Конгресот ги забрани пред неколку години, овие институти „Конфуциј“, но тие се вратија маскирани во нови форми. Па, Министерството за војна презеде мерки да го запре и ова. Ги додадовме овие прикриени организации на списокот на институции кои ја загрозуваат нашата национална безбедност. Излезе дека се појавиле 80 нови пропагандни ќелии на 30 универзитети, кои користеле различни имиња и статути, но имале иста мисија – да крадат интелектуална сопственост и да навлезат во умовите на американските студенти“,
кажа Хегсет.

Случувањата во Америка нè поттикнаа да провериме – што работи Институтот „Конфуциј“ во Скопје и кој го контролира.

Со одлука на универзитетскиот сенат, Институтот „Конфуциј“ во државава се формира во 2013 година преку партнерство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот за економија и финансии на југозападна Кина од Ченгду, главниот град на провинцијата Сечуан. До скоро беше сместен во приземјето на Националната и универзитетска библиотека „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Новото седиште во подготовка е на Технолошко-металуршкиот факултет. Има двајца директори – локален е професорот Влатко Стоилков, но има и кинеска директорка. Стоилков кој првично прифати, па одби снимање за „360 степени“, во писмени одговори вели дека не сака да ја коментира одлуката на САД. На прашањето дали стравува дека истото може да се случи и со Институтот „Конфуциј“ во Македонија тој одговара:
„Активностите на Институтот „Конфуциј“ во Македонија се исклучиво во насока на реализација на мисијата на Институтот: бесплатно изучување на кинескиот јазик и традиционалните кинески вештини за заинтересирани лица од сите возрасти, воспоставување културна и научна соработка помеѓу двата народа и отстранување на јазичните, расните, културолошките и верските бариери. Во таа насока, Институтот во никој случај не претставува каква било безбедносна закана за нашата држава! Напротив: Институтот Конфуциј при УКИМ претставува мост за соработка на сите нивоа помеѓу граѓаните на Македонија, но и можност за воспоставување не само јазична, културна и научна, туку и економска соработка на наши и кинески компании, како и единици на локалната самоуправа во партнерство со кинески градови/провинции!“,
вели Стоилков.

Дијапазонот на слушатели на „Конфуциј“ во последните години варира од 500 до 1 500. Дел од учесниците имаат можност и за посета на Кина. Ваквиот тип соработка од тинк-тенк организацијата „Естима“ го дефинираат како алатка на „мека моќ“. Тие неколку години систематски го следат кинеското влијание во Западен Балкан и Македонија. Во 2022 година спровеле истражување на 163 испитаници од Македонија кои биле во Кина како слушатели преку Институтот „Конфуциј“ или како државни службеници преку програмата за развој на човечки ресурси на кинеската влада и поранешниот Секретаријат за европски прашања (СЕП), но и чинители во заедницата кои немале такво директно искуство. Оние кои организирано престојувале во Кина, создале убава слика за оваа еднопартиска, авторитарна земја.
Александра Д. Спасовска: Сите тие имаа и презентираа позитивно искуство, позитивна перцепција и на некој начин зголемена доверба кон Кина како еден глобален играч на геополитичката сцена и едноставно како една супер сила. Она што треба да го разбереме е дека меката моќ функционира токму така, преку градење на постепена доверба и едни позитивни политички односи. Таа не се потпира нужно на некој притисок или наметнување, туку на постепено градење на една убава перцепција кон земјата, нејзините институции и начинот на којшто таа функционира.
„360 степени“: Факт е дека и многу други земји организираат ваков тип на студиски посети, еве на пример и Соединетите Американски Држави организираат вакви посети. Која е разликата?
Александра Д. Спасовска: Во Кина е нетипично учесниците, слушателите, да бидат изложени на некои спротиставени ставови, на еден критички осврт кон Кина и нејзиниот модел на управување или нејзиниот економски модел и едноставно учесниците нема да бидат соочени со една плуралност на мисли, на ставови и така натаму, за разлика од ваквите програми кои ги организираат западноевропските држави или пак Соединетите Американски Држави.

Според Глобалниот индекс на мека моќ, Кина е рангирана на второ место, веднаш по Соединетите Американски Држави. Сепак, во Македонија, прашањето за кинеското влијание ретко е предмет на поширока јавна дебата. Од друга страна, и според проценките на Агенцијата за национална безбедност за 2027, безбедносниот ризик од Кина се проценува како низок, со тенденција за раст во сектори каде постои долгорочна зависност од странска технологија, финансии или снабдувачи.

На прашање на „360 степени“ од АНБ велат дека со должно внимание ги следат одлуките на американските власти поврзани со институтите „Конфуциј“, но и дека во моментов не гледаат потенцијален ризик.
„Културолошкиот и пропаганден карактер на ваквите активности на Институтот „Конфуциј“ е во насока на доближување на кинеската култура, традиција, и начин на живот, до македонскиот народ и претставување на НР Кина во позитивно светло, како напредна, технолошко индустриска земја, предводник на новиот современ свет. Во овој контекст, активностите на НР Кина опфаќаат легитимна билатерална соработка во повеќе сфери со Македонија. Присуството на кинески компании, инвестиции и научно-образовни и културолошки институции, само по себе не претставува ризик по националната безбедност, сè додека ваквите активности не го надминат легалниот и добронамерен начин на функционирање и не задираат во аспекти што претставуваат сфера од безбедносен интерес за Агенцијата за национална безбедност“,
велат од АНБ за „360 Степени“.
Билатерална соработка со Кина на мала земја како Македонија е легитимна и за „Естима“, но оттаму апелираат на претпазливост.
„Според мене, најголемиот проблем не е самото присуство на Кина во регионот и во Република Македонија, бидејќи тоа е истото и за останатите големи сили. Најголемиот ризик е нашата институционална неподготвеност да ги препознаеме и управуваме потенцијалните ризици кои произлегуваат од билатералната соработка. Затоа, суштинското прашање не е дали Кина на некој начин успешно ја промовира својата мека моќ во Македонија, туку дали ние имаме доволно капацитет, нашите институции дали имаат знаење, вештини, самостојно да ги дефинираат и заштитат сопствените интереси. Односно, да изградат една појдовна точка, јасно да ја знаат целта и да знаат како да се заштитат и максимизираат македонските национални интереси во односот со Кина, како и во односот со останатите глобални актери“,
вели Александра Д. Спасовска.
„360 степени“ ја праша и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Биљана Ангелова, за одлуката на САД, за активностите на „Конфуциј“ во земјава и за тоа дали Универзитетот препознава пропагандни активности. Коинциденцијата сакаше во моментот ректорката да е токму во Кина и да не може веднаш да одговори на нашите прашања.
