Тој додава дека како заштитна и превентивна мерка привремено биле исклучени неколку апликации, а повеќето од нив во меѓувреме се повторно ставени во функција

Европската комисија потврди дека била цел на кибернапад во кој биле користени алатки за вештачка интелигенција (ВИ), иако наведе дека е тешко да се процени обемот на инцидентот, со оглед на тоа што истрагата е во тек.
„Можам да потврдам дека Комисијата неодамна презеде неопходни чекори како одговор на откриена киберкампања“,
изјави портпаролот на Европската комисија, Томас Рењие, на брифинг за новинарите.
Тој додава дека како заштитна и превентивна мерка привремено биле исклучени неколку апликации, а повеќето од нив во меѓувреме се повторно ставени во функција.
„Истрагата сè уште трае. Преземаме сè што е потребно, врз основа на сознанијата што пристигнуваат. Станува збор за киберкампања генерирана со помош на вештачка интелигенција“,
рече Рењие.
Инцидентот бил откриен на 22 октомври, а според Рењие нема докази за протекување податоци што би ги засегнало вработените во Комисијата во целост. Тој одби да каже кого ЕК го смета за одговорен за нападот.
Нападот врз Комисијата е најновиот во низата значајни кибернапади. Претходно во октомври хакерски напади ги онеспособија комерцијалните фрижидери и замрзнувачи во стотици француски супермаркети, во август беа погодени бродови што пловеле кон САД, во јули – постројки за преработка на вода во САД, а во март – транспортниот систем во Лос Анџелес.
Порталот „Политико“ претходно објави дека Комисијата била цел на кибернапад, при што можеби биле компромитирани големи количини лични податоци. За време на десетдневниот прекин, неколку системи биле исклучени, вклучително и системите за човечки ресурси, како и системот за рефундирање на медицински трошоци.
Според „Политико“, Комисијата го свикала своето највисоко внатрешно тело за кризен менаџмент на итен состанок посветен на овие киберинциденти.
